Штрајк на таксистите во Атина: на крстопат помеѓу бизнис по старо и зелена мобилност со нула емисии

Таксистите во Атина излегоа на дводневен штрајк на 28 и 29 мај 2025 година, во знак на протест против новата регулатива која наложува сите новорегистрирани такси возила да бидат со нула емисии почнувајќи од 1 јануари 2026 година. Иако штрајкот е знак на загриженост, но и потсетник дека промените во мобилноста се веќе неизбежни. Но, вреди да се напомене дека таксистите и такси компаниите не беа оставени сами на себе во овој процес инициран од Грчката влада.

Зошто електрификацијата на таксито е позитивен чекор?

Електричните такси возила не само што придонесуваат за намалување на аерозагадувањето, туку и значат помали трошоци за гориво, помалку одржување и тивка работа – што е значајно и за возачите и за патниците.
Грчката влада преку програмата „Green Taxi“ нуди субвенции до 22.500 евра по возило, а иницијативата „Zap Taxi Club“ овозможува поволен лизинг и сопственост на возилото за краток рок.

Каде веќе функционираат такси со нула емисии?

Електрични таксија веќе се реалност во голем број метрополи ширум светот.

  • Осло (Норвешка) – веќе над 80% од такси возилата се на струја, а од наредна година сите такси возила ќе бидат електрични.
  • Лондон – има обврска сите нови таксија да бидат електрични или plug-in хибриди.
  • Амстердам – целосно електрична такси флота во градот.

Предизвици и решенија

Овие примери од развиените европски држави покажуваат дека промената е остварлива и практична – потребни се само добра регулатива и поддршка. Преминот кон електрични такси возила бара инвестиции во инфраструктура за полнење, обука на возачите и пристапни цени на возилата. Но, токму за тоа се дизајнирани програмите на грчката Влада – за да го олеснат преминот и да ја направат електрификацијата реална опција за секој таксист.

А каде сме ние? Македонија сè уште далеку од електрични таксија

За жал, Македонија сè уште е далеку од воведување обврска за електрични такси возила. Во моментов, речиси сите таксија низ државата се со мотори на фосилни горива, без јасна стратегија за електрификација на овој сегмент. Исклучок се мал број на возила во Скопје кои се целосно електрични.

Недостигот од стимулации, слабо развиената инфраструктура за полнење и ниската достапност на електрични возила за професионални возачи ја одложуваат трансформацијата. Додека други градови веќе поставуваат стандарди за зелена мобилност, нашите градови сè уште се гушат во издувни гасови. Време е надлежните институции да преземат конкретни чекори и да обезбедат услови за почиста, попријатна и економски поодржлива такси услуга – во интерес и на возачите и на граѓаните.

Иднината е зелена и возможна

Поддршката за електрификацијата не е само еколошки избор – тоа е економски и општествен чекор напред. Иако протестите што се случуваат во Атина би биле очекувани и кај нас, доколку се воведе таква регулатива, сепак можноста да се стане предводник на одржливата урбана мобилност на Балканот и пошироко треба да биде дел од нашата национална визија.