Искуство на наш читател: Бариери при увоз на електричен автомобил од Кина

Во последниот период сè повеќе граѓани се заинтересирани за директен увоз на електрични автомобили од Кина, поради драстично пониските цени и големиот избор на модели. Сепак, во пракса постојат сериозни пречки кога станува збор за регистрација и употреба на тие возила во Македонија. Со такви бариери се соочи и еден наш читател, кој го сподели неговото искуство со нас.

Навидум – одлична опција за заштеда

Царинската стапка за увоз на електричен автомобил од Кина изнесува 5%, а на тоа се додава и 18% ДДВ. Електричните автомобили се ослободени само од данокот на моторни возила (ДМВ) бидејќи не емитуваат штетни гасови. Како основа се зема вкупниот износ на чинење на автомобилот и на транспортот. Во суштина, за еден врвен електричен автомобил, кој во Кина чини околу 25000 евра, вкупниот трошок би бил околу 35000 евра, со вклучен транспорт и давачки кон државата. Но, искуството на нашиот читател говори дека не е баш така…

Без ЕУ сертификат – нема регистрација

Голем дел од електричните автомобили произведени во Кина се наменети исклучиво за домашниот (кинески) пазар и не поседуваат ЕУ сертификат. Без таков сертификат, возилото не може да го помине процесот на хомологација во Македонија, односно не може да се регистрира и легално да учествува во сообраќајот. Ова е официјално потврдено од Бирото за метрологија, каде се врши хомологацијата (атестирање).

Од друга страна, стовариштата во Кина кои продаваат електрични автомобили немаат опција да купат и препродадат автомобил со ЕУ сертификат од производителите. Производителите ги продаваат автомобилите со ЕУ сертификати само на официјални европски партнери и увозници. Опција за набавка на само едно, две, три или пет возила директно од производител не постои – мора да се користи стовариште или друг тип на препродавач.

Пример: BYD модели

Неколку популарни модели на кинескиот бренд BYD, како што се BYD Song L и BYD Seal, не се достапни за европскиот пазар преку кинески дистрибутери. Иако BYD Seal постои и во ЕУ верзија, истата не може да се набави преку Кина, туку само преку овластени и лиценцирани дилери во Европа. Кинеската верзија не е компатибилна со европските стандарди и не може да добие хомологација.

Нема гаранција, нема сервис

Дополнителен ризик при увоз на возила од Кина е неважечката гаранција. Ако возилото не е набавено преку овластен увозник, тогаш гаранцијата што ја дава производителот не важи во Македонија. Исто така, нема овластен сервисер, што значи дека дури и за мали дефекти или софтверски проблеми, ќе нема поддршка, ниту оригинални делови достапни во државата.

Единствена шанса – преку лиценциран салон

Во моментот, единствена легална можност да се купи електричен автомобил со важечки ЕУ сертификат и гаранција е преку овластени салони во Европа, кои имаат дозвола да продаваат верзии наменети за европскиот пазар. Сè друго претставува ризик за неможност на регистрација, немање гаранција и дополнителни трошоци.

Факт е дека сè додека немаме официјални увозници за некои модели, нивната набавка од друга европска држава е неисплатлива. Тоа е поради далеку повисоките цени споредено со Кина, плус на тоа трошоци за увоз во Македонија.

А што е со соседите?

Нашиот читател забележал дека во други земји постои поголема флексибилност околу увозот, поради полиберални или недоволно прецизни регулативи. На пример, модели на BYD, и тоа наменети за кинескиот пазар, се нудат за продажба во Албанија и Косово. Сепак, дури и да се набави од таму, тоа не значи дека возилото автоматски ќе може да се регистрира во Македонија, бидејќи нашата хомологација бара целосна усогласеност со ЕУ норми.


Исход на “голготата“ на нашиот читател

За среќа, нашиот читател ги доби сите потребни информации од Царинската управа и од Бирото за метрологија пред да ја направи нарачката. Во прашање била нарачка на BYD Song L, со вкупен износ од 30000 долари со вклучен транспорт до пристаниште во Грција. Нашиот читател ни дозволи да ја објавиме и понудата (на сликата подолу):

Совет до купувачите: Пред да одлучите да увезете електричен автомобил, проверете дали моделот има ЕУ сертификат, дали може да помине хомологација во Македонија, и дали има овластен сервис и важечка гаранција. Заштедата при купување може лесно да се претвори во дополнителен трошок и главоболка.