Ризици од пожар кај електрични, класични и хибридни автомобили: кој е најбезбеден?

Во време кога на интернет можете да најдете секакви (непотврдени) информации во врска со безбедноста на електричните автомобили и ризиците од нивно запалување, одлучивме да истражиме што говори официјалната достапна статистика. Направивме споредба на електричните автомобили со автомобилите со погон на внатрешно согорување (бензин/дизел) и со хибридите. На изненадување на голем дел од електро скептиците, одговорот е мошне позитивен за електричните автомобили.

Што велат бројките?

Истражувањата покажуваат дека електричните автомобили се значително помалку изложени на ризик од пожар во споредба со возилата со внатрешно согорување и хибридите. Податоците на Националниот одбор за безбедност во сообраќајот на САД (NTSB) во однос на стапката на пожари во 2023 година кај трите типа на автомобили го покажуваат следново:

  • Електрични автомобили: 25 пожари на 100.000 автомобили;
  • Бензински/дизел автомобили: 1.529 пожари на 100.000 автомобили;
  • Хибридни автомобили: 3.474 пожари на 100.000 автомобили.

Шведска е друга држава која води напредна статистика за автомобилски пожари. Во годишниот извештај на Шведската агенција за цивилна заштита за 2022 година има информација дека од 611.000 електрични автомобили, имало случај на пожар кај 23 (0.004%), додека од 4,4 милиони автомобили на гориво, имало пожар кај 3.400 (0.08%).

Норвешка, како земја со највисока стапка на усвојување на електрични автомобили, исто така има релевантни податоци за нивната безбедност. Според достапните податоци од извештаите на осигурителните компании во Норвешка, во период од десет години, пожарите кај електрични автомобили сочинувале само 2.6% од сите пријавени пожари кај возилата. Оваа бројка е значително пониска во споредба со процентот на пожари кај возилата со внатрешно согорување.

Во сите три случаи, статистиката покажува дека електричните автомобили имаат многу помал ризик од пожар во однос на традиционалните автомобили, додека ризикот од пожар кај хибридите е највисок!


Зошто хибридите имаат повисок ризик?

Хибридните автомобили комбинираат мотор со внатрешно согорување и електричен мотор, што значи дека ги носат ризиците од двата системи, плус безбедноста на батериските системи е помала во однос на безбедноста на батериите кај чисто електричните автомобили. Оваа комбинација може да доведе до поголема веројатност за пожари, особено ако дојде до дефекти во батеријата или во системот на внатрешно согорување.


А што со пожарите кај електричните автомобили?

Иако ретки, кога ќе настане пожар кај електричен автомобил, тој може да биде поинтензивен поради феноменот кој се нарекува “термално бегство“ (thermal runaway). Но важно е да се знае дека најчести причини се:

  • Неправилно или нелиценцирано полнење, односно лоша инсталација на домашни полначи;
  • Пренос на надворешни пожари, тешки судири или вандализам;
  • Производствени дефекти – кои производителите најчесто ги решаваат со брзи сервисни акции.

Производителите на електрични автомобили инвестираат многу во креирање на безбедни батериски системи. Погледнете го видеото објавено од најголемиот кинески производител на електрични автомобили, BYD, во кое е прикажана споредба на реакција на различни батерии при бушење со бургија. Во видеото се земени два типа на литиум-јонски батерии: никел-кобалт-манган (NCM) која порано беше доста употребувана, и литиум-железо-фосфат (LFP) батерија, која во моментов ја користат најголемите производители. Ако температурата кај NCM батеријата достигнува преку 600 целзиусови степени и избувнува инстант пожар, LFP blade батеријата останува незапалена со достигната температура од само 60-ина степени:

Како до безбеден и долговечен електричен автомобил: совети за грижа и одржување

Иако електричните автомобили се генерално поотпорни на пожари од традиционалните возила, правилната грижа игра клучна улога во одржување на безбедноста на највисоко ниво. Еве неколку препораки:

Редовен сервис во овластени сервиси
Како и кај секој автомобил, електричните автомобили треба редовно да се проверуваат, особено батерискиот систем, електрониката и системот за управување со енергија. Овластените сервиси користат соодветна дијагностика и протоколи, што ја гарантира безбедноста на системите.

Систем за термичка контрола (ладење)
Модерните електрични автомобили користат течно или воздушно ладење на батеријата, со цел да се спречи прегревање, особено при брзо полнење или високи надворешни температури. Овој систем мора да се проверува и сервисира согласно со препораките на производителот. Прегреана батерија е главен ризик-фактор за т.н. “термално бегство” што може да доведе до пожар.

Користење сертифицирани полначи
Секогаш полнете го возилото на проверени и одобрени полначи – дали дома или на јавни станици. Избегнувајте неовластени уреди и импровизирани решенија кои може да го оштетат батерискиот систем. Доколку сакате да инсталирате домашен полнач, секогаш ангажирајте професионалци.

Редовна визуелна инспекција
Следете и реагирајте на било какви необични мириси, звуци или предупредувања на контролната табла. Иако ретки, овие знаци можат да укажуваат на проблем со батеријата или електрониката, при што мора веднаш да се обратите до овластен сервис.

Финална проценка: електричните автомобили се чекор напред во безбедноста

Ако досега сте се двоумеле, еве што треба да запомните:

  • Електричните автомобили имаат докажано најмала стапка на пожари.
  • Со соодветна грижа и правилно полнење, ризикот е речиси занемарлив.
  • Сите современи електрични автомобили се опремени со системи за спречување на прегревање на батеријата и автоматско исклучување при дефект.
  • Хибридите се најризични, бидејќи комбинираат два системи и се најподложни на дефекти.