Porsche Taycan е избран за електричен автомобил на годината 2025 од Car and Driver

Престижниот автомобилски медиум Car and Driver го избра Porsche Taycan за електрично возило на годината за 2025. Оваа награда се доделува веќе петта година по ред и има сè поголемо значење во светот на електричната мобилност. Таа не само што ги истакнува најдобрите модели, туку и поставува репери за идните генерации на електрични возила.

Зошто оваа награда е важна?

За разлика од наградите што се базираат на гласови или продажни бројки, Car and Driver EV of the Year е резултат на детални тестирања, споредби и анализи во вистински услови на возење. Возилата се оценуваат според критериуми како:

  • Погон и перформанси;
  • Динамика и управливост;
  • Комфор и квалитет на внатрешност;
  • Опсег, брзина на полнење и ефикасност;
  • Софтверска поддршка и корисничко искуство.

Наградата има за цел да го истакне не само технолошки најнапредниот електричен атомобил, туку и оној што нуди целосно задоволство во секојдневното користење.

Porsche Taycan – победникот за 2025

Во конкуренција од 20 електрични модели тестирани оваа година, Porsche Taycan извојува победа благодарение на прецизното управување, извонредната стабилност при брзо возење и квалитетот на изработка што ја потврдува репутацијата на Porsche. Car and Driver истакнува дека Taycan е „највозбудливиот електричен автомобил досега“, со совршен баланс меѓу спортски карактер и софистицирана технологија.

Porsche Taycan, првиот целосно електричен модел на германскиот производител, дебитираше во 2019 година и од тогаш постојано се надградува. Најновата верзија што победи во изборот за 2025 година носи поголема батерија, поефикасен електромотор и значително подобрено управување. Taycan нуди до 678 км опсег (WLTP), поддржува ултра-брзо полнење до 320 kW, и може да забрза од 0 до 100 km/h за само 2,4 секунди (во верзијата Turbo S). Сето ова го прави не само технолошки импресивен, туку и вистинско задоволство за возење – нешто што ретко кој ЕВ може да го понуди во оваа мера.

Кои модели победуваа претходно?

Car and Driver ја доделува оваа награда од 2021 година, а досегашните победници се:

  • 2021: Ford Mustang Mach-E;
  • 2022: Hyundai Ioniq 5;
  • 2023: Hyundai Ioniq 6;
  • 2024: Hyundai Ioniq 5 N.

Како што може да се забележи, Hyundai и Ford доминираа во изминатите години со модели кои нудат извонредна вредност и иновативен дизајн. Со победата на Taycan во 2025, повторно во фокусот се ставаат перформансите и прецизноста, вредности што Porsche ги негува и во електричната ера.