Кога во 2021 година технолошкиот гигант Xiaomi (Шаоми) објави дека влегува на пазарот на електрични автомобили, вниманието беше загарантирано. Компанијата, позната по своите паметни телефони, смарт-уреди и агресивни цени, во 2023 година го претстави Xiaomi SU7 како технолошки напреден, пристапен и брз електричен автомобил кој ќе внесе револуција. И навистина – првите бројки од продажбата изгледаа импресивно. Но, зад блескавата површина се крие серија на збунувачки потези кои фрлаат сенка врз иднината на брендот во автомобилската индустрија.
Од телефони до автомобили: краток преглед на амбициите на Xiaomi
Xiaomi ја започна својата приказна како производител на паметни уреди, и во текот на една деценија прерасна во глобален играч на полето на потрошувачка електроника. Со огромен фокус на истражување и развој, компанијата инвестираше над 10 милијарди долари во автомобилската дивизија и го претстави SU7 како прв електричен модел – развиен во соработка со други кинески компании и потпомогнат од силниот софтверски екосистем на Xiaomi.

SU7: Рекордна побарувачка, разочарувачки перформанси?
Иако интересот за SU7 беше огромен и почетната продажба ја надмина очекуваната квота, следуваа критики од корисници и аналитичари. Извештаи за слаб квалитет на изработка, недостатоци во финишот, и несоодветни материјали во ентериерот почнаа да се појавуваат речиси веднаш по испораката. Дополнително, Xiaomi ненајавено укина некои од претходно најавените спецификации, како на пример максималната брзина, која беше намалена во поновите софтверски ажурирања – што предизвика незадоволство кај купувачите. Како последица од сето тоа, Кинеската мрежа за квалитет на автомобили го рангираше како автомобил со најслаб квалитет во сегментот на електрични седани во првиот квартал од 2025 година.

YU7: Втора шанса или уште еден експеримент?
Во мај 2025, Xiaomi го најави својот втор електричен автомобил – YU7, кој за разлика од SU7, претставува електричен SUV. Овој потег ја проширува понудата на брендот кон семејните и практични корисници, што е логичен чекор по лансирањето на спортската лимузина. Сепак, она што најмногу изненади е одлуката и YU7 да биде достапен исклучиво на кинескиот пазар, барем засега. Иако деталите за спецификациите сè уште се ограничени, според првичните информации, моделот не носи значајни технолошки новини ниту најави за глобална експанзија.

Поглед кон иднината: Визија без конзистентност?
Xiaomi има потенцијал – и финансиски и технолошки – да стане сериозен конкурент на пазарот на електрични автомобили. Но, моменталната стратегија изгледа нејасна и недоследна. Од една страна, компанијата ветува иновации и нови модели, плус имаше одлична стартна позиција поради стекнатата доверба со другите прозиводи. Сепак, од друга страна – сведоци сме на повлекување од амбициозните цели, намалување на спецификации и отсуство на транспарентност. За да ја одржи довербата кај потрошувачите, особено на странските пазари, Xiaomi ќе мора да се фокусира не само на атрактивни цени и технолошки подвизи, туку и на квалитет, доследност и поддршка.
