Ереван, главниот град на Ерменија, можеби не е првото место што ви паѓа на ум кога ќе помислите на напредна електромобилност. Но по нашата посета, можеме уверено да кажеме дека градот веќе живее една тивка, но импресивна револуција. Во оваа репортажа споделуваме што видовме, како изгледа реалната електрификација во една брзорастечка метропола на Кавказот и зошто Ереван заслужува многу повеќе внимание на светската мапа на електрификацијата.
Електромобилност што не ја очекувавме
Одамна не сме биле толку изненадени. На улиците на Ереван, покрај густата сообраќајна мрежа и динамиката типична за голем град, електричните автомобили се појавуваат буквално на секој агол. Најзастапени се модели од Кина — BYD, Geely, Changan, Skywell, Leapmotor. Но, не недостигаат ниту Tesla, Nissan Leaf, VW, Hyundai и Kia.

Она што веднаш се забележува е дека електричните возила не се „елитна појава“. Напротив, тие доминираат во такси секторот и во секојдневниот градски превоз. Чувството е како да сте во град што свесно решил да прескокне една генерација технологии и директно да премине на електричен транспорт.

Инфраструктура што расте на секој чекор
Полначите во Ереван се всушност многу повеќе распространети отколку што очекувавме. Градот инвестира во комбинација од јавни AC станици, брзи DC полначи и приватни решенија поставени крај маркети, кафулиња и бизнис-центри. Најимпресивни ни беа полначите поставени на бандери и столбови од градско осветлување. 🙂

Најинтересно е што инфраструктурата не е концентрирана само во центарот — полначи има и во станбени квартови, што им овозможува на граѓаните навистина секојдневно да функционираат со ЕВ. Дополнително, забележливо е развивањето на нови мрежи со локални оператори, што покажува долгогодишна стратегија, а не краткорочен тренд.

Од каде ваков степен на развој на електрификација во Ереван?
Причините за ова забрзано електрифицирање се повеќесоставни:
- Увозни политики и даночни олеснувања. Ереван привлекува голем број увезени возила од Кина по исклучително конкурентни цени.
- Ефтин електричен енергетски систем. Комбинацијата од хидроцентрали и нуклеарна енергија овозможува стабилна и релативно евтина струја.
- Интензивен јавен интерес. Граѓаните се свртени кон практичност: пониски трошоци за одржување и долг рок на користење.
- Такси индустријата како двигател на промените. Голем дел од електричните возила се во професионална такси употреба, што дополнително го зголемува нивниот број на улиците.

Сцената на улица: што точно видовме
Тргнавме пеш низ неколку различни квартови со цел да почувствуваме реална состојба, а не статистика. И резултатот беше ист: каде и да се свртите — електрични автомобили. Многу од нив носат специјални ознаки за електрични такси, а дел користат мобилни апликации за резервации на возила што се чисто електрични. Она што е интересно е што автомобилите не се исти како за европскиот пазар. Иако Ерменија геополитички се води како дел од Европа, сепак во суштина е дел од Азија. Оттука, и ЕВ моделите се оние за азиски пазар.

Особено впечатлив беше моментот кога за неколку минути успеавме да изброиме повеќе ЕВ отколку автомобили со мотор на внатрешно согорување. Ова не е изолиран момент — тоа е секојдневие во Ереван.
Ерменија како нова точка на мапата на електромобилност
Ереван може да стане еден од најинтересните примери за тоа како земја во развој може да ја прифати електрификацијата побрзо од многу побогати држави. Градот веќе покажува дека електромобилноста не е „луксуз на Западот“, туку тренд што се движи со неверојатна брзина во региони што сакаат побрз прогрес и поевтино одржување на возилата.

Заклучок: Ереван – вистинско изненадување на електричните возила
Преку нашата репортажа од Ереван сакаме да прикажеме дека градот не само што чекори кон електрична иднина, туку во многу сегменти веќе живее во неа. Од бројноста на ЕВ на улиците, до инфраструктурата и интересот кај граѓаните — Ереван станува пример за тоа како електрификацијата може да се случи многу побрзо отколку што очекуваме.
Оваа приказна ја става Ерменија на мапата како регионален лидер во електромобилноста и инспирација за сите што веруваат дека трансформацијата е можно да се постигне и без државни буџети прикажани во милијарди…
