Државни субвенции за електрични автомобили: Каде е Македонија во споредба со регионот и Европа?

Во последната деценија, електричните автомобили станаа синоним за одржлив транспорт, а ваквата доминантност дополнително се зајакнува со новите регулативи за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Меѓутоа, нивната цена сè уште претставува бариера за пошироката јавност, особено кога се во прашање европските и американските производители. Затоа, многу држави низ Европа и Балканот воведоа државни субвенции со цел да го стимулираат купувањето на вакви возила. За жал, Македонија сè уште заостанува на ова поле.

Македонија: Без директни субвенции, само ветувања

Во моментот, Македонија нема активна државна програма за субвенционирање на електрични возила. Во изминатите години (а особено во 2018 година) неколку пати беа најавени можни мерки, но досега не е реализирана ниту една конкретна иницијатива за директна финансиска поддршка при купување на електричен автомобил.

Регионот: Балкански напредок во споредба со Македонија

Србија, Хрватска и Словенија се примери за тоа како државите во нашиот регион почнуваат да ги поддржуваат електричните возила преку конкретни мерки:

  • Србија нуди субвенции до 5.000 евра за електрични автомобили, а има и поддршка за хибриди, електрични мотоцикли и велосипеди. Овие средства се дел од државна програма која се ажурира секоја година.
  • Хрватска обезбедува субвенции до 9.000 евра за набавка на електрично возило, преку програмата на Фондот за заштита на животната средина и енергетска ефикасност. Субвенциите се ограничени и обично се доделуваат според принципот „прв дојден, прв услужен“.
  • Словенија има напреден систем на субвенции до 6.000 евра, како и олеснувања при регистрација, пристап до посебни ленти за возење и бесплатен паркинг на јавни површини за електрични возила.

Европа: лидер во транзицијата кон електричен транспорт

На европско ниво, земјите со најголема поддршка за електрични автомобили се исто така оние со најголема застапеност на вакви возила:

  • Норвешка е светски лидер со над 80% продажба на нови автомобили кои се целосно електрични. Државата нуди ослободување од ДДВ (25%), што е огромен фактор во ниските цени на електричните автомобили. Исто така, Норвешка нуди и ослободување од регистрациски такси, бесплатен или намален паркинг, пристап до автобуски ленти и поддршка за изградба на полначи.
  • Германија доделуваше до 9.000 евра субвенција за електрични автомобили до крајот на 2023 година, но во 2024 таа сума е намалена поради нови буџетски политики. Сепак, остануваат различни даночни и инфраструктурни стимулации.
  • Франција нуди до 7.000 евра субвенција и дополнителна поддршка за оние што заменуваат старо возило со ново електрично.

Електроматематика: предлог-мерка за субвенционирање електрични автомобили во Македонија

Во 2024 година, Министерството за Економија на Македонија додели ваучери во износ од околу 4.1 милиони евра за набавка на инвертер клима уреди. Доколку ист вкупен износ на средства биде доделен за субвенции при набавка на електрични автомобили, со поединчен износ од 5000 евра би се набавиле 810 автомобили. Би се постигнале следните ефекти:

  • Поттикнат интерес кај купувачи: пониската цена ќе ја направи транзицијата возможна и за средната класа, затоа што цените на новите електрични и новите бензинци би се изедначила, а во некои случаи електричните автомобили би биле дури и поевтини;
  • Ќе има повеќе регистрирани електрични автомобили во една година отколку што досега има регистрирано во Македонија во сите изминати години заедно;
  • Со нови 810 електрични автомобили, би се намалиле CO₂ емисиите за околу 2.500 тони годишно во градските средини;
  • Би се поттикнале автосалоните да увезуваат повеќе електрични автомобили, вклучително и (еден куп) брендови кои не се достапни на домашниот пазар, со што се зголемува конкуренцијата и се намалува цената на подолг рок.

Заклучок: Време е Македонија да се “приклучи на полнење!“

Иако електричните автомобили стануваат сè подостапни, државната поддршка останува клучна за нивната масовна употреба. Македонија има потенцијал, но без конкретна стратегија и субвенции, ќе остане зад своите соседи и европските трендови. Инвестирањето во е-мобилноста не е само еколошка, туку и економска и стратешка одлука за иднината.

Ваквиот пристап како во примерот погоре може реално да започне еколошки значајна транзиција кон електрична мобилност, со конкретно намалување на загадувањето и зголемен интерес на пазарот. Доколку има интерес, државата може да обезбеди многу повеќе средства за вакви субвенции преку партнерство со меѓународни институции и развојни партнери, со што би се постигнал многу поголем ефект од првичниот кој е претставен во примерот.