Еве колкава е заштедата доколку патувате до работа со електричен автомобил од Куманово до Скопје

Сѐ повеќе возачи размислуваат за премин кон електричен автомобил, но дали тој избор навистина се исплаќа? За подобро да ја илустрираме економската корист и заштедата, подготвивме имагинарен пример со ликот на Јован – ИТ инженер кој секој работен ден патува до работа од Куманово до Скопје и назад. Иако приказната е измислена, бројките се базирани на реални податоци.

Рутата на Јован

  • Оддалеченост во една насока: ~40 km
  • Дневно вкупно растојание: ~80 km
  • Работни денови месечно: ~22 дена
  • Месечна километража: ~1.760 km

Трошоци со дизел автомобил

Да претпоставиме дека Јован претходно возел дизел автомобил кој троши во просек 6 литри на 100 km, а просечната цена на дизелот е 70 денари за литар. Во тој случај, неговите месечни трошоци за гориво изнесувале:

  • Потрошени литри: (1.760 km / 100) × 6 = 105,6 литри
  • Вкупен трошок: 105,6 × 70 = 7.392 денари месечно

Трошоци со електричен автомобил

Сега Јован вози електричен автомобил со батерија од 60 kWh и просечна потрошувачка од 16 kWh на 100 km, и го полни дома на ноќна тарифа од 4,9 денари по kWh. Ги има следните трошоци:

  • Потрошени kWh: (1.760 km / 100) × 16 = 281,6 kWh
  • Вкупен трошок: 281,6 × 4,9 = 1.380 денари месечно

Потенцијална заштеда

Разликата е повеќе од очигледна:

  • 7.392 – 1.380 = 6.012 денари месечно заштеда.
  • Тоа значи повеќе од 72.000 денари годишно, односно 1.200 евра, само на гориво!
  • Тука не се земени предвид заштедите при сервисирање на електричен автомобил, кои ја прават оваа разлика уште поголема.
  • Во период од 10 години, оваа разлика изнесува повеќе од 12.000 евра, што значи дека инвестицијата во електричен автомобил при негово често користење и тоа како се исплати на подолг рок.

Заклучок: Ваквите примери ги покажуваат предностите на електричните автомобили

Иако Јован е имагинарен лик, ситуацијата е сосема реална за многумина кои секојдневно патуваат на подолги релации, а особено на релацијата Куманово – Скопје. Ако имате можност за домашно полнење, особено на поевтина ноќна тарифа, електричниот автомобил може да значи значително финансиско олеснување, односно над 5 пати поевтино возење!