Последната изјава на европските производители на автомобили дека поставените рокови за транзиција кон електрични возила се „веќе неостварливи“ на прв поглед звучи како признавање на пораз. Но ако се погледне подлабоко, станува јасно дека проблемот не е во самата транзиција, туку во неможноста Европа да и парира на силната конкуренција од Кина. Да се потсетиме, ЕУ има поставено рок до 2035 година сите новопроизведени автомобили да имаат нула емисии.
Проблемот не е во технологијата
Електричните возила веќе се доволно развиени за да станат стандард. Технологијата постои, побарувачката расте, а примерите за успешна транзиција се повеќе. Она што ја забавува Европа е високата зависност од кинеските батерии, нерамномерната мрежа на полначи и економските предизвици. Наместо да се доведуваат во прашање самите рокови, овие предизвици треба да бидат поттик за уште поголема мобилизација. Со оваа изјава на големите европски производители, фактички бараат заштита од Европската Унија за нивната неможност да го следат светскиот развој…
Норвешка како доказ дека е можно
Норвешка одамна покажа дека ако има вистинска стратегија и јасна поддршка од државата, целите можат да се исполнат многу порано од планираното. Над 97% од новите регистрации се електрични автомобили во оваа скандинавска држава во 2024 година. Со комбинација од поттикнувачки мерки, субвенции и решителна политика, таму електричните возила станаа секојдневие. Овој пример е доказ дека промената е возможна, и тоа не во далечна иднина, туку сега.
Европа има избор
Изјавите за „неостварливост“ можат да се сфатат како сигнал за аларм, но и како можност. Наместо да се користат како изговор, тие треба да ја потсетат Европа дека иднината нема да чека. Ако сака да биде конкурента, мора да се вложува повеќе во сопствено производство на батерии, во ширење на инфраструктурата и во јасни и долгорочни стратегии.
Ако се сака – се може и пред рокот
Транзицијата кон електрични возила не е невозможно сценарио, туку прашање на амбиција и решителност. Европа може да остане лидер во автомобилската индустрија, но само ако го прифати предизвикот и покаже дека сака. Како што покажа Норвешка, со вистинска волја, целите не само што се достижни – туку и можат да бидат постигнати многу порано од планираното.
