Европјаните сѐ повеќе заинтересирани за кинеските електрични автомобили – но цената е главен предизвик

Европските купувачи покажуваат сѐ поголем интерес за кинеските автомобилски брендови, што претставува важен сигнал за идната динамика на автомобилскиот пазар. Ново истражување на Escalent спроведено во Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Шпанија открива дека довербата во кинеските возила е во постојан пораст, додека интересот за американските брендови забележува пад.

Раст на довербата во кинеските возила

Во споредба со 2024 година, бројот на европски купувачи кои би разгледале купување на кинеско возило пораснал од 31% на 47%. Дополнително, довербата во квалитетот и сигурноста на кинеските производи генерално е зголемена од 12% на 19%. Овие бројки јасно укажуваат дека европските потрошувачи постепено го менуваат својот став и се поотворени кон азиските брендови.

Намалување на интересот за американските брендови

Спротивно на тоа, американските компании бележат негативен тренд. Интересот кај европските купувачи опаднал од 51% во 2024 на 44% годинава. Истовремено, довербата во американските производи се намалила од 31% на 24%. Причините може да се бараат во ограничената понуда на достапни електрични модели, како и во пошироките економски и политички фактори кои влијаат врз перцепцијата на купувачите, особено новонаметнатите царински тарифи.

Очекувања за цените

И покрај растечката доверба, европските потрошувачи и понатаму очекуваат кинеските автомобили да бидат поевтини од просекот. Дури 70% од анкетираните сметаат дека цените треба да бидат пониски за да се одлучат за купување. Само 13% би платиле повеќе за кинеско возило, дури и ако е објективно супериорно во однос на конкуренцијата. Ова претставува предизвик за кинеските премиум марки кои се обидуваат да се позиционираат надвор од ценовниот сегмент.

Што значи ова за европскиот пазар

Резултатите од истражувањето укажуваат дека европските купувачи се подготвени да излезат од традиционалните рамки и да им дадат шанса на нови брендови. Кинеските производители веќе активно ја прошируваат својата дистрибутивна мрежа, вложуваат во маркетинг и изградба на имиџ, со цел да се вкоренат на европскиот пазар. Истовремено, американските брендови ќе мора да вложат дополнителни напори за да го задржат својот удел во Европа, каде конкуренцијата станува сѐ пожестока и каде европските потрошувачи сѐ повеќе ги менуваат своите приоритети.