Со законските измени од пред неколку години, сè поголем број домаќинства во Македонија инвестираат во фотонапонски системи до 6 kw. Со анализа на просечното производство и потрошувачка, направивме еден преглед што би значела инвестицијата во фотоволтаици доколку поседувате електричен автомобил. Се обидовме да понудиме и препораки за начинот на кој е најисплатливо да го полните автомобилот. Па, да одиме по ред…
Збор-два за исплатливоста на фотонапонските централи за домаќинства
По инсталација на фотонапонски систем, во договор со универзалниот снабдувач (ЕВН), се поставува двонасочно броило. Тоа значи дека кога се произведува повеќе струја од што може да се потроши, вишокот се пласира (продава) во мрежата, а кога се троши повеќе од што може да се произведе, дополнителната струја се зема (купува) од мрежата на ЕВН.
Откупната цена за вишокот која ЕВН ја плаќа е 90% од набавната цената по која тие ја купуваат од ЕСМ, што значи во просек околу 3 денари за kWh (ова е променлива вредност). Во зимските месеци, кога нема стабилно производство од фотоволтаиците, домаќинството троши струја од мрежата која ја плаќа поскапо, па финалната пресметка стига на секои 6 месеци за да се види колку треба да се пребие или доплати. Всушност, во летните месеци произведувате струја и ја продавате, за да влезете во претплата која потоа ќе се минусира во зимските месеци.
Анализите покажуваат дека просечно македонско домаќинство троши околу 500 kWh месечно, или околу 6000 kWh годишно. Со фотоволтаици од 6 kw, очекуваното годишно производство на струја е околу 9000 kWh.
На прв поглед, изгледа дека може да произведете доволно за себе и да не платите ниту денар повеќе, но не е така. Најмногу струја произведувате во летните месеци преку ден, кога не можете да потрошите толку. Навечер, а и во зима кога нема сонце, користите струја од мрежата која ја плаќате поскапо од цената на струјата која сте ја произвеле и продале во летните месеци.
Сепак, статистиките покажуваат дека инвестицијата во фотонапонски систем е исплатлива и на подолг рок, ќе плаќате многу понизок годишен износ за електрична енергија. Поврат на првичната инвестиција за инсталација се очекува за 5 до 7 години.
Фотоволтаици + електричен автомобил?
Доколку имате електричен автомобил, инсталација на фотонапонски систем може да биде многу исплатлива во одредени случаи. Секако, треба да имате соодветни услови (слободен простор за инсталација на фотоволтаици на кров или двор, како и можност за полнење на електричен автомобил). Постојат два клучни фактори за одредување на исплатливоста на полнењето електричен автомобил со инсталиран фотонапонски систем за домаќинство:
- периодот од денот во кој го полните автомобилот; и
- јачината/брзината на полнење во kWh.
Ценовна анализа: Колку чини полнењето?
Ќе ви покажеме преку конкретна пресметка како функционира ова во пракса и кога е најповолно да се полни возилото:
1. Полнење навечер
- Цена за ноќна тарифа од ЕВН (ниска тарифа): ~5 ден/кWh
- Цена по која ЕВН ја откупува струјата која сте ја произвеле во текот на денот: ~3 ден/кWh
- Просечна цена по компензација/минусирање: ~2 ден/кWh
- Полнење на просечна батерија од 60 kWh = ~120 денари
- Ова е најчеста пракса бидејќи автомобилот се полни преку ноќ, кога не е во употреба.
- Со полнење навечер, имате слобода да користите побрзо домашно полнење (со wallbox полнач, и до 22 kWh).
2. Полнење преку ден (со сончева енергија)
- Цена на струја = 0 денари (се користи моментално произведената соларна енергија)
- Цената се однесува само на бавно полнење до 6 kw, односно до максималниот капацитет на фотонапонскиот систем. Ако користите побрзо полнење, вишокот повторно ќе се презема од ЕВН по повисока дневна тарифа.
- На овој начин, има целосна искористеност на произведената струја кога се полни, па не се продава за пониска цена кон ЕВН.
- Сепак, треба автомобилот да не се користи во текот на дневните сончеви саати кога полнењето е најисплатливо.
- Од периодите кога се полни, нема да има продажба кон ЕВН, односно нема да се влегува во претплата пред зимскиот период.
- Практично, ова е најисплатлива опција, бидејќи се избегнува користење струја од мрежата.
Заклучок: комбинацијата носи долгорочна заштеда
Со 6 kW фотоволтаици, домаќинството покрива поголем дел од дневната потрошувачка, а кога ќе додадеме и електричен автомобил во равенката – економијата станува уште повпечатлива.
Ако го земеме европскиот просек на поминати 12.000 километри годишно, со електричен автомобил ќе ви требаат од 2500 до 3000 kWh за цела година. Македонија нуди во просек 280 сончеви денови годишно, просечното производство од фотоволтаици е 9000 kWh, од што може да се заклучи дека голем процент од потребните 2500-3000 kWh може да ги обезбедите директно од фотонапонскиот систем!
Просечниот век на траење на фотоволтаиците е околу 25 години. Со пониските сметки на струја, првичната инвестиција за инсталација (од 4000-5000 евра) ќе се врати за околу 7 години, па во годините што следат имате навистина голем бенефит и за домаќинството, но особено за вашиот електричен миленик.
Секако, немојте да помислите дека е можно целосно бесплатно полнење и возење преку цела година. Но, со добро планирање, следење на капацитетот на производство на фотоволтаиците во одредени периоди од годината без многу сонце и користење на побавно полнење преку ден, ќе имате многу поволна цена на “соларно гориво“ за вашиот електричен автомобил. Добрата страна е тоа што и без внимавање на сите овие аспекти, со инсталиран фотонапонски систем секако ќе имате поевтина струја на располагање и поевтина цена на возење.
