Светскиот пазар на електрични автомобили во септември 2025 година постигна историски резултат во продажба. Според анализите на Benchmark и RhoMotion, во еден месец се продадени над 2,1 милиони електрични возила, што претставува нов апсолутен рекорд. Овој резултат не е изолиран случај – целата 2025 година досега се одвива во знакот на континуиран раст. Продадени се повеќе од 14,7 милиони електрични возила во првите девет месеци.
Овој податок е јасен показател дека електричната мобилност веќе не е иднина, туку сегашност. Производителите ширум светот се натпреваруваат со понуда на нови модели, поефикасни батерии и подобрена инфраструктура. Од друга страна, евидентно е дека купувачите во сè поголем број ги заменуваат класичните мотори со електрични.
Кина продолжува да го предводи пазарот на електрични автомобили
Кина и понатаму останува убедлив лидер во глобалната продажба на електрични автомобили. Таму се реализирани околу девет милиони продажби од почетокот на годината. Тоа претставува раст од речиси една четвртина во споредба со истиот период лани. Доминантната позиција на кинеските брендови, како BYD, Geely и SAIC, не се должи само на ценовната достапност. Клучни фактори се и брзиот развој на технологијата и домашното производство на батерии.
Кинескиот пазар веќе функционира како „тест-полигон“ за светската индустрија, каде што прво се пласираат новите модели, па потоа се извезуваат во Европа, Латинска Америка и Африка.
Европа во стабилен раст и реструктурирање
Европските пазари покажуваат стабилен, но урамнотежен раст. Во септември 2025 година на стариот континент се продадени околу 427.000 електрични автомобили, што претставува зголемување од 36 % во однос на истиот месец минатата година.
Главниот двигател на растот се земјите со добро развиена инфраструктура – Германија, Франција, Холандија и скандинавските држави. Таму политиките за стимулирање на купувањето на електрични возила, комбинирани со проширување на мрежите за полнење и ниски камати за „зелени“ кредити, создаваат услови за стабилен раст без зависност од краткорочни субвенции.
Исто така, европските производители го забрзуваат процесот на електрификација. Volkswagen, Mercedes-Benz, Stellantis и Renault континуирано ја намалуваат понудата на мотори со внатрешно согорување. Производството, како што ќе претпоставите, го насочуваат кон целосно електрични модели.
Американскиот пазар на електрични автомобили меѓу раст и неизвесност
Во САД, септември 2025 година донесе силен скок во продажбата на електрични возила, делумно поттикнат од завршувањето на федералните даночни олеснувања. Производителите и купувачите се обидоа да го искористат последниот месец со поволности. Тоа доведе до значителен пораст во продажбата во краток рок.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека во наредните месеци американскиот пазар би можел да влезе во период на забавување, особено ако не се воведат нови стимулации или ако цените на батериите не продолжат да паѓаат. Производителите веќе се соочуваат со вишоци на залихи, а некои фабрики најавуваат редуцирање на смените за да се одржи финансиската рамнотежа.
Зошто овој тренд е важен за регионот
Рекордните глобални бројки не се само статистика – тие го потврдуваат правецот во кој се движи целиот автомобилски свет. За земји како Северна Македонија и регионот, ова е можност да се усогласи транспортната и енергетската стратегија со новите реалности.
Поголемата достапност на електрични модели, постепеното намалување на цените на батериите и зголемениот интерес за домашно производство на компоненти отвораат врата за нови инвестиции. Истовремено, инфраструктурата за полнење мора да се развива соодветно, бидејќи без стабилна мрежа, растот на пазарот ќе остане ограничен.
Во следните години, електричната мобилност ќе стане сè поприсутна и кај нас, не само како симбол на технолошки напредок, туку и како реална економска и еколошка потреба.
