Во време кога електричните возила добиваат внимание во Европа и во Светот, ситуацијата на македонските улици е малку поразлична. Сепак, имаме примери на возачи кои се решаваат да направат промена и лично да се уверат во придобивките од електричната технологија. Разговаравме со Игор Трајковски, долгогодишен ИТ-професионалец и основач на порталот time.mk, кој веќе одредено време поседува електричен автомобил.
Во продолжение, тој несебично го споделува своето искуство преку зборови и слики – од првиот контакт со ЕВ, преку секојдневните рутини и практични предизвици, до размислувањата за иднината на електричната мобилност во нашата земја.
Кога и зошто се одлучивте да преминете на електрично возило?
ИТ: Одлуката да преминам на електрично возило не беше спонтана – уште пред десетина години знаев дека мојата следна кола ќе биде електрична. Привлечен бев од сите аспекти: и дизајнот, и перформансите, еколошкиот момент, како и напредната технологија што ја носат овие автомобили. Првично, размислував за Tesla, но откако го искусив возењето на Porsche преку нивниот „Porsche Experience“, изборот ми стана јасен и дефинитивен. Едноставно, тоа искуство ги надмина сите мои очекувања и ми ја олесни одлуката.
Кое беше вашето прво искуство зад воланот на ЕВ? Дали веднаш почувствувавте разлика во споредба со возење бензински/дизел автомобил?
ИТ: Моето прво искуство со електрично возило беше во август 2021 година, кога заедно со уште десетина возачи имавме прилика да пробаме повеќе различни модели на Porsche на една рута до Гевгелија и назад, менувајќи ги возилата на секои 30 километри. Иако за првпат седнав зад волан на Porsche SUV, а потоа и на легендарната 911-ка, вистинската разлика ја почувствував кога го пробав Taycan Turbo S.
Ова беше нешто сосема ново и различно – на било која брзина стабилноста остануваше перфектна, забрзувањето беше моментално и константно, а колата речиси како да ги следеше моите мисли. Доволно беше само да помислам да претекнам друг автомобил, и за 2-3 секунди маневарот беше веќе завршен. Тогаш за првпат навистина сфатив колку електричните возила можат да ја надминат динамиката на традиционалните бензински и дизел автомобили.
Колку често го користите возилото во градски услови, а колку за подолги релации? Може ли да споделите некои рутини или типични релации што ги поминувате?
ИТ: Најчесто моето електрично возило го користам за подолги патувања, додека низ град ретко го возам. Типични релации кои често ги поминувам се патувања до Преспа и Охрид, како и до соседна Грција. Исто така, имам направено и неколку патувања низ Европа, каде што се покажа практичноста и удобноста на електричната мобилност на подолги дестинации.

Какво е вашето искуство со полнењето на возилото – дали полните најчесто дома, на јавни полначи или на други места? Колку време просечно трае едно полнење?
ИТ: Кога возам низ Македонија, речиси секогаш го полнам возилото дома. Со едно полнење без проблем можам да стигнам до било која точка во Македонија и да се вратам, без потреба од дополнително полнење. Возам Taycan 4S со Performance Battery, чиј капацитет е 93 kWh. Дома имам полнач со моќност од 20 kW, па полнењето би траело максимум 4 часа. Секако, батеријата никогаш не се полни од 0 до 100%; најчесто ја држам меѓу 20 и 80% заради оптимално зачувување на батеријата. Само кога планирам подолги патувања, како на пример од Скопје до Белград или од Гевгелија до крај на втор крак на Халикидики (на Богородица има 100kW почнач), ја полнам до 100% за да го постигнам максималниот домет.
Кога патувам низ Европа, најчесто користам брзи полначи како Ionity, кои овозможуваат исклучително брзо полнење. Taycan 4S поддржува полнење до 270 kW/h (што е доста побрзо од многу други ЕВ-возила), па на ваков полнач, батеријата може да се наполни од 20% до 80% за само 12 минути.
Дали имате домашен wallbox полнач и дали тоа е неопходно според вас за секој сопственик на ЕВ во Македонија?
ИТ: Да, дома имам Tesla Wallbox полнач со моќност од 20 kW. Од моето лично искуство, сметам дека домашниот полнач (или полнач на работно место) е неопходен за секој сопственик на електрично возило во Македонија. Ако немате домашен полнач или можност да го наполните возилото додека правите нешто друго, полнењето може да стане навистина оптоварувачко.
Постојано да го носите автомобилот до полнач кој не е брз и да морате да чекате или да го оставите возилото и подоцна да се враќате по него, брзо ќе ви здосади и ќе стане непрактично. Затоа, според мене, задолжително е секој ЕВ возач да има барем едно место каде што автомобилот може да се полни додека прави нешто друго.

Дали сте се соочиле со некакви предизвици како ЕВ возач во Македонија (инфраструктура, сервис, јавна перцепција)? Како ги надминавте?
ИТ: Не сум имал поголеми предизвици како ЕВ возач во Македонија, барем засега сè е во ред. Единствена ситница што знае понекогаш да изнервира е кога ќе наидам на расипан јавен полнач кој не се одржува редовно, но во принцип гледам да не зависам премногу од нив, особено за важни патувања. Инаку, инфраструктурата постепено се подобрува. Одличен пример за тоа се новите брзи полначи од 150 kW на ЕВН, поставени на неколку клучни локации низ државата, што според мене е голем чекор во вистинската насока.
Сега малку за конкретниот модел на ЕВ кој го возите – Porsche Taycan - колку е практичен во секојдневна употреба во Скопје – простор, удобност, климатизација, работа на батеријата во зима/лето?
ИТ: Porsche Taycan е доста практичен автомобил за секојдневна употреба во Скопје, но сепак морам да нагласам – добро е да имате безбедно и сигурно место за паркирање. Автомобилот привлекува многу внимание, понекогаш и од луѓе од кои можеби не би сакале, па препорачливо е да биде заштитен и надвор од контакт на случајни минувачи.
Во однос на просторноста, удобноста и климатизацијата, Taycan-от е извонреден, и нема никаков проблем со секојдневното функционирање во градски услови.
Што се однесува до батеријата, постои извесна разлика помеѓу летната и зимската сезона. Додека во лето имам домет од околу 470 до 500 километри со едно полнење (нормално возење до 120km/h), во зима тој може да падне на околу 350-400 километри, што сепак останува сосема доволно за нормално користење и за кратки и за подолги патувања.
Какви се вашите трошоци за возење во однос на ваши претходни автомобили со внатрешно согорување? Може ли да ни дадете некаков пример за споредба (гориво vs струја)?
ИТ: Трошоците за возење на електричниот автомобил во споредба со моите претходни возила со внатрешно согорување се драстично помали. Конкретно, ако автомобилот го полнам дома, трошокот е минимален. На пример, за полнење на батеријата од околу 90 kWh, во ефтина тарифа од околу 4 денари по kWh, вкупниот трошок би бил околу 360 денари за домет од приближно 450 километри. Мислам дека ова јасно ја покажува огромната разлика во споредба со класичните горива.
Од друга страна, доколку се полни на јавни полначи во Македонија (околу 25 денари по kWh) или на брзи полначи низ Европа (30-35 денари по kWh), цената на возењето станува слична како и со бензин или дизел. Но, со домашно полнење, заштедата е неспоредливо поголема.
Колку сте задоволни од одржувањето? Дали имало потреба од сервис и колку е различно од класичен автомобил?
ИТ: Од одржувањето сум навистина задоволен. Возилото значително поретко има потреба од сервисни интервенции во споредба со класичните автомобили, а и кога има потреба, сервисирањето е генерално многу поедноставно и поевтино. Разликата е огромна во споредба со класичните возила со мотор на внатрешно согорување, каде што редовните сервиси се почести и поскапи.
Дали имате некое омилено „скриено“ возачко задоволство со ЕВ кое би го споделиле со нашите читатели?
ИТ: Едно од моите омилени „скриени“ задоволства како ЕВ возач е моменталниот, речиси нечуен, но исклучително силен „електричен“ старт од место на семафор. Чувството кога само со нежно притискање на педалата за забрзување без никаков напор ги оставате другите автомобили далеку зад вас е навистина посебно и забавно. Тоа е нешто што секогаш ми носи насмевка и секогаш одново ме потсетува колку е уникатно искуството на возење електричен автомобил.

Каква е реакцијата од луѓето кога ќе дознаат дека возите електрично Porsche? Дали добивате прашања, коментари, интерес?
ИТ: Реакциите од луѓето се многу интересни и позитивни. Често добивам прашања и коментари, се гледа дека има голем интерес. Понекогаш дури и полицијата покажува љубопитност – два-три пати ме имаат сопрено само за да го разгледаат автомобилот. Забавно ми е тоа што многумина и не знаат дека Porsche има електрични модели; за повеќето луѓе Porsche е синоним за легендарниот 911 со звукот на моторот. Најчестиот коментар што го добивам е: „Ако не брчи, не е Porsche“. Секако, шега на страна, секогаш е интересно да ги изненадите луѓето и да им покажете колку напредна и атрактивна е електричната иднина.
Што би им порачале на луѓето кои размислуваат за премин кон електрично возило, но се двоумат? Што е она што дефинитивно ги менува навиките на човек кога ќе премине на ЕВ?
ИТ: На оние што размислуваат да преминат на електрично возило, но сè уште се двоумат, би им порачал дека електричната мобилност не е само замена за класичниот автомобил – тоа е целосно нов начин на размислување и живеење. Ќе научите многу нови работи – за киловати, ампери, осигурачи, кабли... на почеток сè изгледа ново и можеби малку збунувачки, но брзо се учи и станува интересно.
Голема предност е и што со електричен автомобил многу поретко размислувате за трошоци – нема повеќе дилеми дали да тргнете некаде, туку само каде и кога. Цената на возењето е значително пониска, а инфраструктурата веќе сериозно се подобрува и во Македонија, така што и тој дел повеќе не претставува пречка.
Едноставно, иднината е електрична – и ако сакате да ја живеете уште денес, тоа е вистинскиот избор.
За крај, каква е вашата визија за иднината на електричната мобилност во Македонија? Што треба да се подобри за да се охрабрат повеќе луѓе?
ИТ: Мојата визија за иднината на електричната мобилност во Македонија, како и секаде, е оптимистичка, но бара системски пристап и конкретни чекори. Потенцијалот постои – сè повеќе луѓе се заинтересирани, а и самата технологија станува подостапна.
Она што треба да се подобри е пред сè инфраструктурата – повеќе брзи и сигурни полначи, рамномерно распределени низ градовите и на автопатиштата. Дополнително, потребна е јасна и доследна државна политика: субвенции за купување ЕВ, олеснувања при регистрација, паркинг, па дури и ослободување од одредени давачки.
Важно е и да се работи на подигање на јавната свест – многумина сè уште имаат предрасуди или се слабо информирани. Потребни се вистински примери, како и медиумска и едукативна поддршка која ќе го прикаже електричното возење како едноставно, исплатливо и практично.
