Во последниов период, електричните автомобили станаа неочекуван фокус на политички дебати во САД. Дел од американските политички лидери, особено од Републиканската партија, изразуваат резервираност кон брзиот премин кон електрична мобилност, а во најава се и рестриктивни мерки кои ќе ги ограничат поволностите за набавка на електрични автомобили. Во остатокот од светот, пак, работите се движат во јасна насока. Продажбата на електрични автомобили е во постојан раст од година во година. Зошто овој пристап на Трамп е осуден на пропаст и може само да им наштети на американските производители? Да одиме чекор по чекор во проблематиката…
Предизвици на домашен терен
Наместо да се поттикнува развојот на електричните автомобили во САД како досега, некои политики се насочени кон ограничување на државната поддршка, укинување на даночните олеснувања и воведување дополнителни бариери за странски конкуренти. Иако овие потези имаат за цел да го заштитат традиционалниот автомобилски сектор и нафтената индустрија, тие би можеле да создадат нови предизвици за американските производители. Тоа е особено проблематично во глобален контекст каде другите економии агресивно вложуваат во нови технологии. И најбитно, американските производители се зависни од увоз на автомобилски компоненти од други држави (читај Кина, пред сѐ).
Голем дел од американските автомобилски компании веќе имаат направено сериозни инвестиции во електрификацијата. Тие гледаат шанса за нова ера во мобилноста – онаа која е поефикасна, поеколошка и технолошки напредна. Компании како Tesla, General Motors и Ford веќе имаат вложено милијарди долари за истражување и развој на батериски системи, електромотори и мрежа на екстра брзи полначи. Тоа е сигнал дека индустријата го препознава потенцијалот и потребата за трансформација, независно од политичките ставови.
Новите најави за рестрикции на поддршката во развој на електрични возила, екстра даноци за луѓето кои возат електрични автомобили и отстапувањето од плановите за намалување на емисиите на гасови во САД повеќе претставуваат проблем, отколку убава вест за автоиндустријата. Причина за тоа? Извоз. Американските производители живеат од извозот, како и сите останати големи држави производители (Кина, Германија, Јапонија итн.). Во услови на апсолутна глобализација во кои живееме, ниту една држава не може да го “затвори“ производството за себе и да им овозможи профит на производителите доколку продаваат само во сопствената држава.
Уште поважно, сите останати пазари каде американските компании извезуваат, нудат овозможувачка околина за електрични автомобили и јасни планови за постигнување нула емисии (во ЕУ, рокот за тоа е 2035 година). Со намалување на производство на електрични автомобили, американската автоиндустрија станува неконкурентна на светските пазари, а со тоа и надвор од трката за автомобилски технолошки напредок.
Иронична слика: електрични инвестиции во конзервативни региони
Интересен е фактот што најголем дел од инвестициите во електрични возила и батериски технологии се реализираат токму во региони со силна поддршка за конзервативни републикански политики. Тоа укажува на позитивното економско влијание што електромобилноста може да го има дури и во области кои се традиционално скептични кон ваквите промени. Анкета на реномираниот новински конгломерат Politico покажува дека над 44% од гласачите на Републиканската партија имаат позитивен став кон електричните автомобили, а помал број негативен став или немаат одреден став.
Во целиот овој контекст, посебно внимание привлекува и поддржувачот “број еден“ на Трамп – Илон Маск – сопственикот на Tesla. Неговата компанија е симбол на електричната револуција. И покрај тоа што Tesla е лидер во секторот, Маск има ограничено влијание врз новите автомобилски политики, без оглед што е еден од клучните поддржувачи и финансиери на Трамп и Републиканската партија.
За време на предизборната кампања, Трамп ги ублажи своите ставови против електричните автомобили по добиената поддршка од Илон Маск. Дури и изјавуваше колку бил воодушевен од плановите на Тесла за електрична иднина. Но, работите брзо се сменија по изборната победа. Иако Трамп се поднови со Тесла од 90.000 долари на почетокот на 2025, со јавна промоција во поддршка на Илон Маск, сепак политиките кои следат се во обратна насока. Овој парадокс ја истакнува сложеноста на моменталната ситуација – каде политичката реторика и личните избори често се разминуваат со реалноста на пазарот и индустриските трендови.
Калифорнија не се откажува од електричната иднина
Калифорнија, како лидер во одржливиот транспорт и чистата енергија, одлучно ја продолжува својата агенда за целосна електрификација на транспортот. По обидите на федерално ниво да се ограничат правата на поединечни држави да воведуваат построги еколошки стандарди, Калифорнија поднесе тужба против администрацијата на Трамп, бранејќи го своето право да поставува амбициозни цели за емисии и транзиција кон електрични автомобили. Но, ова е тужба број 23 против Трамп поднесена од некоја сојузна држава во оваа година, па ќе видиме каков ќе биде исходот.
Царини кон кинеските електрични автомобили и автомобилски компоненти – меч со две острици
Дел од актуелните стратегии за заштита на домашната индустрија вклучуваат високи царини за увоз на кинески електрични автомобили и автомобилски компоненти. Иако целта е да се поддржи локалното американско производство, ваквиот пристап може да доведе до зголемени трошоци за потрошувачите и намалена достапност на поевтини електрични модели. Дополнително, голем дел на автомобилските компоненти кои се вградуваат во автомобилите на американските брендови се со потекло од Кина, па со тоа и цените на американските автомобили неминовно ќе пораснат. Во услови на глобална конкуренција, одржливото решение треба да биде насочено кон поддршка на иновации, пристапна технологија и засилена домашна продукција, а не кон трговски бариери и економски политики карактеристични за почетокот на 20-ти век.
Заклучок
Преминот кон електрични возила не е само технолошка еволуција, туку економска и општествена можност која нуди нови еколошки хоризонти. Политичките несогласувања се дел од процесот, но трендовите на светско усвојување јасно покажуваат дека електричната иднина е неизбежна. Прашањето повеќе не е дали ќе се случи, туку дали одредени земји ќе бидат лидери или следбеници. САД имаат сè што е потребно за да бидат на врвот – потребна е само визија и заедничка посветеност, која во моментов отсуствува. Дали коцкањето на Трамп ќе значи голема победа на Кина на автомобилската светска сцена? Со ваквите нови потези, одговорот станува сѐ поочигледен…
