Кога станува збор за електричните автомобили, надворешната температура игра значајна улога во нивната ефикасност. Иако производителите обично го прикажуваат оптималниот досег на возилото во идеални услови, реалноста на патот знае да биде поинаква, особено при екстремни временски услови.
Влијание на ниските температури
Во зимски услови, многу возачи забележуваат намалување на досегот на електричниот автомобил. Причините за ова се неколку:
- Загревање на кабината: За разлика од возилата со внатрешно согорување кои ја користат топлината од моторот, електричните автомобили користат енергија од батеријата за загревање, што дополнително ја намалува достапната енергија за возење.
- Намалена ефикасност на батеријата: Хемиските процеси, особено во литиум-јонските батерии, се помалку ефикасни при ниски температури, што води до помал капацитет и побавна испорака на енергија. Затоа, батериите од литиум-железо-фосфат се сметаат за поиздржливи при екстремни услови.
- Зголемен отпор при возење: Ладниот воздух е погуст, а гумите стануваат потврди, што резултира со зголемен отпор при движење, а тоа ја зголемува потрошувачката исто како кај класичните автомобили.
Според истражувања, при надворешна температура од околу -7 степени Целзиусови, некои модели на електрични автомобили можат да изгубат и до 25-30 проценти од својот деклариран досег во споредба со идеална надворешна температура од 20 степени.
Влијание на високите температури
Иако не толку драстично како зимата, и летните горештини можат да влијаат врз ефикасноста на електричниот автомобил:
- Климатизација: Ладењето на кабината бара дополнителна енергија од батеријата, што го намалува достапниот досег.
- Термичка регулација на батеријата: Електричните автомобили често имаат вградени системи за ладење на батеријата, кои се активираат при температури над 35 степени, трошејќи дополнителна енергија.
Во услови на високи температури, досегот може да се намали за околу 10 до 15 проценти, особено при градско возење со често запирање и поаѓање при вклучена климатизација.
Како да се намали влијанието на температурните екстреми?
Постојат неколку практики и совети кои можат да помогнат во одржување на оптимален досег, дури и во најекстремни надворешни температурни услови:
- Чување на возилото во гаража и во зима и во лето, а по можност и чување во гаража/затворен простор додека сте на работа. И во најладните ноќи, кога температурата надвор е -15 степени, во вашата гаража температурата е некаде околу 10 степени над нулата, што претставува голема разлика за батеријата на вашиот автомобил.
- Предвремено загревање или ладење на возилото додека е приклучено на полнач, со цел да не се троши батеријата за климатизација при возење.
- За подолги релации и кога постои таква опција, планирање на рута која овозможува порамномерно и непрекинато возење, без големи успони или гужви.
- Користење на греачи за седишта и волан наместо целосно загревање на кабината.
Иако температурните услови имаат реално влијание врз перформансите на електричните автомобили, со соодветно планирање и прилагодување на стилот на возење, овие ефекти можат да се минимизираат. Но и без оглед на надворешните услови, електричните автомобили и понатаму остануваат поекономична и поеколошка алтернатива на класичните возила со внатрешно согорување.
