Колкави се вкупните трошоци за возење електричен автомобил во споредба со бензинец за 10 години?

Едно од најчестите прашања кај луѓето кои размислуваат да преминат на електричен автомобил е дали навистина се исплати? Во овој текст пресметуваме вкупни трошоци за 10 години возење, со просечна километража од 15.000 km годишно, и тоа во македонски услови – со актуелни цени на гориво, струја и сервисирање во овластен сервис. Да одиме чекор по чекор:


Колкави се трошоците за возење електричен автомобил?

Современ електричен автомобил просечно троши околу 17 kWh на 100 km, што значи годишна потрошувачка од 2.550 kWh за 15.000 km.

Варијанта 1: Полнење дома, на евтина тарифа (4.9 денари/kWh)

  • 2.550 kWh × 4.9 ден. = 12.495 денари годишно за струја
  • Овластен сервис: 4.000 денари годишно
  • Вкупно годишно: 16.495 денари
  • Вкупно за 10 години: 164.950 денари

Варијанта 2: 20% полнење на јавни полначи (28 денари/kWh), 80% дома

  • 80% × 2.550 = 2.040 kWh × 4.9 ден. = 9.996 денари
  • 20% × 2.550 = 510 kWh × 28 ден. = 14.280 денари
  • Вкупно за струја: 24.276 денари годишно
  • Овластен сервис: 4.000 денари
  • Вкупно годишно: 28.276 денари
  • Вкупно за 10 години: 282.760 денари

Колкави се трошоците за возење бензинец?

Бензински автомобил со просечна потрошувачка од 7.5 литри/100 km троши околу 1.125 литри бензин годишно за 15.000 km.

  • 1.125 литри × 75 ден. = 84.375 денари годишно за гориво
  • Овластен сервис: 15.000 денари годишно
  • Вкупно годишно: 99.375 денари
  • Вкупно за 10 години: 993.750 денари

А што е со останатите трошоци?

Трошоци како гуми, акумулатор, регистрација, осигурување и технички прегледи се слични кај двата типа на возила и не прават значајна разлика во вкупната сметка. Затоа во оваа анализа тие не се пресметани.


Огромна разлика во трошоци: од 710.000 до над 820.000 денари заштеда!

Во зависност од тоа колку користите јавни полначи, електричниот автомобил ќе ве чини:

  • Околу 165.000 денари (ако го полните само дома), или
  • Околу 283.000 денари (ако 20% од полнењата се на јавни полначи).

Во споредба со речиси 994.000 денари за бензинец, и во двете сценарија разликата е драматична – од над 710.000 денари, па сè до повеќе од 825.000 денари заштеда во рок од 10 години.

Притоа, мора да се земе предвид дека имаме и возачи кои поминуваат далеку повеќе од 15.000 km годишно, што би значело уште драматично поголема заштеда.


Заштедата ја надминува и повисоката првична цена

Да, електричните автомобили често имаат повисока набавна цена во однос на бензинските. Но, оваа разлика и тоа како се анулира – односно преминува во директна добивка – поради далеку пониските трошоци за гориво и сервис. За многу возачи, овие заштеди се доволни да го покријат ценовниот јаз, па дури и да создадат простор за дополнителна инвестиција, патувања или ново возило во иднина.

Со едноставна пресметка, излегува дека електричниот автомобил не значи само напредна технологија и зелен избор — туку и паметна финансиска одлука.