Кога ќе се спомне батерија кај електричните автомобили, најчестите прашања кои се поставуваат се: Колку е животниот век на батериите? Колку би ме чинела замена? Дали може да се сервисира наместо да се замени? Одговорите на овие прашања се сè пооптимистички, особено со новите LFP (литим-железо-фосфат) батерии и можностите за ремонт преку замена на ќелии, наместо замена на целата батерија.
Животен век на LFP батериите
LFP батериите (како оние во Tesla Model 3 и BYD моделите) се познати по:
- Подолг циклус на полнење/празнење – минимум 3.000 циклуси пред да паднат под 80% капацитет.
- Тоа значи 400.000 – 800.000 km реална километража, што за повеќето возачи значи минимум 15-20 години животен век. Кога се вели минимум, не се мисли дека сигурно тогаш ќе заврши животниот век на батеријата, туку може да трае и многу подолго во зависност од начинот на нејзино полнење, изложеност на екстремни временски услови и сл.
- Поголема термичка стабилност и помало трошење при чести полнења до 100% (за разлика од NMC литиум-јонските батерии).
Сервисирање на батерии – замена на ќелии, а не цел пакет
Во минатото, дефект во батеријата значеше скапа замена на целата батерија. Но денес, сервисерите нудат замена само на оштетените ќелии или модули, што значително ја намалува цената и го продолжува животниот век на батеријата.
Примери за трошоци:
- Дијагностика и мерење на капацитет: 50 – 100 €
- Замена на една или неколку ќелии: 200 – 600 € (во зависност од моделот)
- Поопсежно ремонтирање со повеќе обновени ќелии: 1.000 – 2.500 € (спротивставено на 7.000 – 15.000 € за нов батериски пакет)
Некои независни сервиси во Европа, како и специјализирани EV работилници во регионот, веќе нудат вакви интервенции. Прашање на време е кога оваа услуга на сервисирање батерии ќе биде стандардна понуда и на овластените сервисери, односно производителите.
Заклучок
Современите LFP батерии не само што имаат долг век на траење, туку се и многу поекономични за одржување. Во случај на дефект, не мора да размислувате за нова батерија – доволна е замена на неколку ќелии. Ова ги прави електричните возила уште поисплатлива инвестиција на долг рок.
