Пазарот на електрични возила расте со забрзано темпо – и не само кај новите модели. Според достапните податоци, продажбата на половни електрични автомобили во Европа пораснала за над 70% во 2023 година во споредба со претходната година. Се повеќе купувачи го препознаваат потенцијалот на електричните возила и на втора рака – како еколошка и долгорочно поекономична алтернатива.
Но купувањето половен електричен автомобил не е исто како купување на класичен половен автомобил. Еве на што треба да внимавате:
1. Состојбата и капацитетот на батеријата
Батеријата е најскапиот и најважен дел кај електричните автомобили. Со текот на времето и полнењата, батеријата постепено губи од својот капацитет. Проверката на State of Health (SoH) – односно процентуалната здравствена состојба на батеријата – е клучна. Идеално е да е над 80%, но прифатливо е и над 70%, зависно од километражата и староста. Предноста на електричните автомобили во однос на класичните е што ваквата проверка може да се направи, без да бидете во ситуација да купувате “мачка во вреќа“.
Побарајте официјален извештај од сервис или искористете OBD уред со софтвер како LeafSpy, EVnotify или PHEV Watchdog за да направите проверка.
2. Историја на одржување и користење
Иако електирчните автомобили имаат помалку подвижни делови и помалку трошоци за сервисирање, редовното одржување останува важно – особено на системот за полнење, вентилација на батеријата и сопирачките. Барајте сервисна книшка и документи за секое интервенција.
Избегнувајте половни електрични автомобили кои долго време биле возени во екстремни температури.
3. Поддршка за брзо полнење (DC Charging)
Не сите електрични возила поддржуваат DC брзо полнење. Ако планирате патувања надвор од град или често користите јавна инфраструктура за полнење, важно е возилото да има CCS приклучок и да може да полни барем со 40–50 kW.
4. Проверете го досегот во реални услови
Производителите често наведуваат оптимистички податоци за досег. Но половните електрични автомобили, особено оние постари од 10 години, може да имаат досег за 20–30% помал од фабричките вредности. Барајте реални искуства од други сопственици на истиот модел или доколку е можно, тестирајте го досегот лично.
5. Софтверски ажурирања и поддршка
Некои производители (како Tesla, BMW, Hyundai) редовно нудат софтверски ажурирања кои ги подобруваат перформансите или додаваат функции. Проверете дали возилото е ажурирано и дали има пристап до идни надградби.
6. Проверете ја гаранцијата
Многу електрични автомобили доаѓаат со гаранција за батерија од 8 години или 160.000 км. Ако возилото е релативно ново, можно е дел од гаранцијата сè уште да важи – што е голема предност. Побарајте потврда од овластен сервис или од продавачот.
7. Вид на приклучок и компатибилност со полначи во Македонија
Во Македонија најчесто се користат Type 2 приклучоци за AC полнење. Доколку купувате возило увезено од САД или Јапонија, проверете дали е адаптирано за да немате проблеми со јавната инфраструктура за полнење.
8. Цената паѓа побрзо – но тоа може да биде предност
За разлика од класичните автомобили, кај половните електрични автомобили се забележува побрз пад на вредноста во првите неколку години – особено кај првата генерација на модели со послаб досег. Тоа првично беше перцепирано како слабост, но денес го отвора пазарот за купувачи кои сакаат електрично возило по далеку попристапна цена.
Тоа значи дека технологија што до вчера беше недостижна за многу купувачи – денес станува реална алтернатива за секојдневна употреба. Но, од друга страна, тоа е дополнителен притисок да направите вистински долгорочен избор кога купувате половен електричен автомобил, затоа што е веројатно неговата цена да падне и да имате загуба доколку сакате да го препродадете во кратко време.
Заклучок
Досега половните електрични автомобили беа реткост на нашиот пазар, но трендот се менува. Сè повеќе увозници и индивидуални продавачи нудат електрични модели. Половен електричен автомобил може да биде одлична инвестиција – особено за градско возење или секојдневна употреба. Со внимателна проверка и информиран избор, може да добиете автомобил кој нуди тивки, чисти и евтини километри со минимално одржување.
