Со порастот на интересот за електрични автомобили, растат и бројните митови кои го пратат овој технолошки напредок. Еден од најзастапените е дека електричните автомобили создаваат опасно електромагнетно зрачење кое може да има негативни последици по здравјето на луѓето. Овој текст има за цел фактографски да ја разобличи оваа заблуда и да покаже дека таквите тврдења немаат научна основа. Се повикуваме на меѓународни истражувања, со особен осврт на последните мерења кои се извршени во Србија.
Што претставува електромагнетното зрачење?
Секој електричен уред произведува електромагнетни полиња (ЕМП) кога пренесува електрична енергија. Тоа важи и за електричните автомобили. Меѓународната комисија за заштита од нејонизирачко зрачење (ICNIRP) има утврдено строги граници на безбедно изложување, и тие граници се основа за сите светски стандарди при дизајн и производство на електрични уреди и возила.
Поддршка од меѓународни научни истражувања
Истражувања спроведени во Европа и Северна Америка постојано ја потврдуваат истата констатација:
- Научна студија објавена во списанието Environmental Research (2017), која опфатила мерења во 15 различни модели на електрични и хибридни возила, заклучува дека нивоата на електромагнетни полиња во кабините се „значително под препорачаните граници за јавна експозиција според ICNIRP“.
- Националниот институт за јавно здравје на Канада (Health Canada) објавува дека изложеноста на електромагнетно поле кај електричните автомобили е споредлива со таа во традиционални автомобили и далеку под нивото што би претставувало здравствен ризик.
- Технолошки универзитет во Минхен (TUM) во соработка со автомобилски производители направи мерења и моделирања во реални услови, при што утврди дека електричните мотори, кабли и инвертери се дизајнирани на начин кој практично ја елиминира секоја потенцијална опасност од изложување на патниците.
За последното реално мерење во Србија
Во една од најтемелните проверки на оваа тема, реномираната српска автомобилска емисија САТ направи мерења на електромагнетно зрачење. Мерењата се направени во соработка со институтот „Никола Тесла“ од Србија, кој постои над 90 години, со експерти и напредна опрема за мерење. Мерењата се извршија врз вкупно 6 електрични автомобили: Seres 5, Mercedes EQE 350, Dacia Spring, Renault 5, Ford Explorer и Volvo EX-90. Дополнително, направени се мерења и во бензинец и во хибрид, за споредба.
Новинарот Младен Алвировиќ ги објави резултатите во неговата емисија, каде што се покажа дека нивоата на електромагнетно зрачење во возилата се далеку под безбедносните граници. Притоа, станува збор за највисоките измерени вредности во текот на возењето, а не на просечните. Табелата е во прилог (плавата линија ја означува најстрогата дозволена граница, дефинирана на меѓународно ниво (6.25 микроТесла – µT), додека долу се вредностите на сите 6 електрични автомобили, длабоко во безбедната зона):

Дополнително, анализата покажа дека зрачењето кај бензинците, хибридите и електричните автомобили е на исто, безбедно ниво. За крај, беше измерено и електромагнетното зрачење на фен за коса – кое се покажа дека е околу 10 пати повисоко во однос на зрачењето од електричните автомобили!
Видеото од целосната анализа (на српски јазик) е во прилог:
Митот не само што е лажен – туку е и штетен
Проблемот со овој мит не е само во неговата неточност. Тој создава неоснован страв и одвраќа граѓани од прифаќање на технологии кои претставуваат значителен придонес кон намалување на загадувањето и емисиите на стакленички гасови. Парадоксално, додека се плашиме од наводно зрачење во електричните автомобили, секојдневно сме изложени на вистинска закана од издувните гасови од моторите со внатрешно согорување – кои се потврдено канцерогени според Светската здравствена организација (WHO).
Заклучок
Сите достапни податоци и истражувања укажуваат дека електромагнетното зрачење во електричните автомобили е безопасно и далеку под дозволените граници. Возачите и патниците во електрични возила не се изложени на ризици од ваков тип, а инженерските стандарди гарантираат безбедност и стабилност на системите.
Со ширење на ваквите митови се прави голема штета на развојот на електрификацијата. Наместо страв без основа, потребно е да се потпираме на проверени научни податоци. Дефинитивно може да констатираме дека електричните автомобили не зрачат – тие се чекор напред кон почиста, потивка и поздрава иднина.
