Нова опсежна студија дава одговор на прашањето колку долго траат батериите кај електричните автомобили

Кога ќе се спомне електричен автомобил, кај многумина веднаш се појавува едно клучно прашање: „А што кога ќе ѝ падне капацитетот на батеријата?“ Оваа грижа е сосема разбирлива, особено во Македонија, каде автомобилите најчесто не ги купуваме нови, туку веќе значително истрошени. Голем дел од возниот парк кај нас е составен од стари бензинци и дизели што веќе го одиграле своето на западноевропските патишта и завршуваат тука, каде продолжуваат да се возат дури и кога одамна би требало да бидат во отпад. За жал, тоа говори за нашиот стандард и куповна моќ… Но, да се вратиме назад на главната тема.

Што покажуваат истражувањата за батериите?

Во таков контекст, сосема природно се поставува и сомнежот дали електричните автомобили ќе можат да издржат толку долго, согласно нашите навики и очекувања од еден автомобил. Ако моторот на еден дизел може да претрпи сè и сешто и да се вози со години, што се случува со батеријата на еден електричен автомобил по десетина години користење? Ќе мора ли таа да се менува цела? Ќе чини ли тоа половина автомобил? Или, можеби, вистината е поинаква?

Одговорот доаѓа од голема анализа направена од мултинационалната компанија Геотаб врз околу десет илјадни електрични автомобили низ целиот свет. И тој одговор е охрабрувачки: батериите не само што не „умираат“ по неколку години, туку покажуваат изненадувачка издржливост. Во просек, батериите губат само околу 1,8 проценти од својот капацитет годишно. Тоа значи дека по една деценија користење, батеријата сè уште има над 80% од својот првичен капацитет. И тоа е доволно – повеќе од доволно – за речиси сите дневни потреби на еден возач.

Примери од реалната употреба

Многу батерии се покажуваат уште поиздржливи од просекот. Tesla Model 3, на пример, и по 300.000 километри задржува околу 85% од својот капацитет. Тоа се бројки што ретко кој мотор на внатрешно согорување би ги достигнал без скапи поправки. Други модели, како постарите верзии на Nissan Leaf, кои немаат систем за активно ладење, се посензитивни – но и тие остануваат функционални по десетина години користење.

Што влијае врз стареењето на батеријата?

Има неколку фактори кои играат улога во тоа колку брзо се троши капацитетот. Климата е прва – батериите не сакаат екстремни горештини, ниту екстремен студ, а Македонија, со својата умерено-континентална клима, е релативно поволна територија за електричен автомобил. Второ, начинот на полнење – ако редовно се користи домашен полнач со бавно AC полнење, батеријата старее побавно. Брзите DC полначи се одлични за пат, но ако се користат секојдневно, може да го забрзаат процесот на деградација. Трето, и многу важно – батеријата не сака да биде постојано полна или празна. Најмногу ѝ одговара да се одржува меѓу 20 и 80 проценти. Ова особено важи кај NMC батериите.

Споредба со возилата на внатрешно согорување

Ако ја споредиме долговечноста на батеријата со класичен дизел мотор, ќе видиме интересна слика. Просечниот автомобил со мотор на внатрешно согорување во ЕУ се заменува после 11 до 15 години. Кај нас, тие исти возила пристигнуваат како „втора младост“ и се возат уште десетина години – често со скапи поправки, замени на турбини и други делови. Батеријата, од друга страна, нема издувни гасови, нема масло, нема менувач – и кога е добро дизајнирана и управувана, трае подолго од шасијата на самиот автомобил.

Дополнителна предност кај електричните возила, особено при купување на половен автомобил, е тоа што состојбата на батеријата може точно да се провери. Денес постојат дијагностички алатки и апликации кои за неколку минути го покажуваат преостанатиот капацитет, бројот на циклуси, максималното полнење и целокупната здравствена состојба на батеријата. Тоа овозможува транспарентност при купување – знаеш точно што добиваш.

Кај дизел или бензински возила, пак, купувањето е „на слепо“. Не можеш со сигурност да знаеш дали моторот бил прегреан, дали е сменета турбината, дали има скриени проблеми со компресија или вбризгување, дали навидум автомобилот работи добро ради тоа што е ставен адитив во моментот и слично. Сè зависи од зборот на продавачот и малку среќа. Кај електричните автомобили, технологијата работи за тебе – а не против тебе.

Батериите не се слабата точка – туку најиздржливата

Стравовите дека батериите ќе мора да се менуваат секои 5–6 години не се потврдени во пракса. Напротив, податоците од реална употреба покажуваат дека со правилно користење, батериите може да издржат и над 20 години. Тоа значи дека, за првпат по децении, имаме автомобилски компонент кој не само што не е потрошен материјал – туку може да биде најдолговечниот дел од целото возило. Плус, со можноста за сервисирање и замена на одредени оштетени ќелии од батеријата, а не цела батерија, цената за евентуална поправка на батерија многукратно се намалува, за разлика од општото мислење дека треба да се купи цела нова батерија.

Во Македонија, каде што често го возиме отпадот од Европа, електричните возила нудат нешто неочекувано – долгорочност, стабилност и технологија која старее достојно. Електричните автомобили не се само нов тренд – туку потенцијал за автомобилска револуција, дури и на пазарот на половни возила.