Цената за полнење на електричен автомобил во домашни услови се разликува драстично во различни европски земји. Во некои држави, полнењето е речиси симболично евтино, додека во други, како во Германија, тоа станува значаен трошок. Подолу ќе најдете преглед на 39 европски држави, вклучително и Македонија, подредени по цена на полнење во домашни услови.
Германија – најскапа, Турција – најевтина
Германија важи за една од најскапите земји кога станува збор за полнење на електрични автомобили. Со просечна цена од околу 0.42 евра по kWh, едно полнење на батерија од 60 kWh може да чини и над 25 евра.
Од друга страна, Турција е на спротивниот крај на листата – таму цената на струјата е меѓу најниските во Европа, што значи дека истото полнење на 60 kWh чини неверојатно ниски 4 евра, зависно од тарифата (во евтина тарифа).
Колку чини полнењето во Македонија?
Во Македонија, просечната цена на струја за домаќинства во евтина тарифа е околу 4.9 денари по kWh, што е приближно 0.08 евра. Ова ја става земјата во групата најповолни за електрични автомобили во Европа за полнење навечер од 22 часот до 07 часот следното утро, или во недела.
Ако го наполните вашиот електричен автомобил дома со батерија од 60 kWh, тоа ќе ве чини околу 294 денари или 4.78 евра. Со едно вакво полнење, повеќето електрични возила поминуваат 300 до 400 km, што ја прави електромобилноста особено исплатлива.
Балканот во предност
Слични цени има и во Србија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина, каде што трошоците за полнење се меѓу најниските во Европа. Оваа регионална предност претставува одлична можност за побрза транзиција кон електричен транспорт.
Детален преглед на цени на полнење во Европа
Државите се подредени од најскапа до најевтина, во однос на цената на целосно полнење на просечна батерија од 60 kWh во домашни услови (на евтина тарифа, онаму каде таква тарифа е достапна):
- Германија – €25.73
- Данска €24.56
- Ирска – €24.14
- Белгија – €21.62
- Чешка – €21.55
- Кипар – €21.21
- Италија – €20.30
- Лихтенштајн – €20.15
- Франција – €19.09
- Финска – €17.81
- Португалија – €17.14
- Полска – €16.16
- Австрија – €15.90
- Шпанија – €15.71
- Шведска – €15.34
- Грција – €15.08
- Латвија – €14.87
- Естонија – €14.45
- Холандија – €14.06
- Литванија – €13.99
- Луксембург – €13.21
- Словенија – €13.09
- Норвешка – €12.41
- Романија – €12.16
- Исланд – €11.84
- Словачка – €11.55
- Хрватска – €9.68
- Молдавија – €8.86
- Малта – €8.49
- Бугарија – €7.94
- Албанија – €7.50
- Србија – €7.23
- Унгарија – €6.73
- Црна Гора – €6.55
- Босна и Херцеговина – €5.91
- Косово – €4.87
- Македонија – €4.78
- Грузија – €4.59
- Турција – €4.05
Заклучок: електромобилноста е логичен избор во Македонија
Полнењето на електричен автомобил во Македонија е речиси пет пати поевтино отколку во земји како Германија, Данска или Ирска. Со достапна цена на струја, се отвораат одлични перспективи за да имаме сѐ поголем избор на електрични модели и развој на инфраструктура. Ваквата статистика јасно покажува дека електричните автомобили стануваат сѐ попаметен избор – и за буџетот, и за животната средина.
