Репортажа од Минхен: електрификацијата е веќе секојдневие во традиционалниот “дом“ на бензинци и дизели

Кога ќе помислиме на Минхен, најчесто ни доаѓа на ум традицијата на автомобилите со мотор со внатрешно согорување и фабриките што го изградиле германскиот имиџ во светот. Секако, и Октоберфест. 🙂 Но, нашата посета таму откри сосема поинаква слика – град што со полна брзина се движи кон електрична иднина. А пивото? Како што кажуваат локалците, квалитетот е ист повеќе од 200 години…


Електрични возила на секој агол

Додека се шетавме низ улиците на Минхен, брзо стануваше јасно дека електричните возила веќе не се реткост. На секој втор паркинг, на семафори, во колоните – електричните модели се рамноправни со класичните. Во цела Баварија веќе над 400.000 автомобили се движат на струја, а секое четврто новорегистрирано возило е електрично или plug-in хибрид. Бројка што ја чувствувавме со очи, а не само на хартија.


Полначи како дел од пејзажот

Она што навистина не импресионира беше инфраструктурата. Во супермаркетите каде што застанавме, полначите беа веднаш пред влезот. На некои од нив, како во Алди, беше нагласено дека струјата се произведува од сончева енергија. Целиот кров на маркетот беше нареден со фотонапонски централи. Цената за полнење изнесуваше 0.29 центи за kWh, што е поевтино од нашите јавни полначи. Запомнете, зборуваме за Минхен – каде облаците, дождот и снегот се секојдневие… Не мора да споделиме кој во Европа би имал подобри услови за вакво нешто, нели?

На јавните паркинзи, местата за ЕВ беа јасно обележани и – уште поважно – никој друг не се паркираше таму. Тоа ни остави силен впечаток: култура на почитување што го прави возењето електрично возило уште полесно.

Минхен има и огромни хабови каде десетици автомобили се полнат истовремено. Тие изгледаат како мини бензински пумпи од иднината, но наместо мирис на бензин – таму има тишина и зелено светкање на каблите.


Поддршка од државата на дело

Зад сето ова стои силна поддршка од германските и баварските владини програми во изминатите години. Купувачите добиваат субвенции при избор на електрично возило, а јавниот транспорт забрзано се електрифицира. Само минатата година беа пуштени во употреба стотици нови електрични автобуси. На улиците на Минхен веќе се гледаат, и изгледаат како најнормална работа – како да отсекогаш биле дел од градот.


Од полначи до Октоберфест

Нашето патување не беше само технолошка репортажа. Имавме прилика да го посетиме и Октоберфест – најпознатиот фестивал во градот. Таму, меѓу баварските костими, литри пиво и традиционална музика, сфативме уште една работа: Минхен знае како да ја чува својата традиција и истовремено да ја гради иднината. Денски – полначи, ЕВ возила и нова инфраструктура; вечерта – духот на фестивалот кој постои со векови. И секако, пиво. Јавниот превоз е на ниво, па нема потреба некој од друштвото да биде шоферска жртва. 🙂


Заклучок

Минхен ни покажа како изгледа еден град што ја живее транзицијата. Електричните возила не се само бројки, туку реалност што се чувствува на секоја улица. Полначите не се реткост, туку дел од секојдневието. А културата на почитување на правилата ја прави мобилноста на струја уште пофункционална.

Од ова патување носиме едноставна порака: ако Минхен – срцето на германската класична автомобилска индустрија – толку брзо се менува, тогаш електричната иднина е неизбежна и за сите нас.