Претставник на тимот на elektricniavtomobili.mk неодамна беше во Хелсинки, главниот град на Финска. Градот дефинитивно не е највозбудлив кога станува збор за ноќен живот, а уште помалку за гастрономија, но кога зборуваме за електрификација на превозот, таму е во сосема друга лига.
Во продолжение – искуства и фотографии од прва рака за тоа како изгледа вистински електрифициран град. Плус, по некоја споредба со Скопје и Македонија, чисто да видиме каде сме и каде сакаме да бидеме...
На пат од аеродромот до центарот на Хелсинки
На терминалот за пристигнувања на аеродромот во Хелсинки има такси станица со четири достапни компании. Седнавме во Volkswagen ID.4 – електрично такси, кое тивко нè пренесе до центарот на градот. И не беше случајност – огромно мнозинство од такси возилата во Хелсинки се електрични. Не дека го преферирав моделот, едноставно тоа беше на ред за нас. 🙂 Инаку, имаше и такси возила како Tesla Model Y, BYD Seal, Mercedes EQC, Hyundai Ioniq 6 и многу други. Да ти е мерак да се возиш со такси.

Од аеродромот до центарот на градот има точно 20 километри. Преостанатиот досег на такси возилото беше 125 km при поаѓање, а некаде 103 km при пристигање. Максималната брзина на патот беше ограничена на 100 km/h, а таксистот беше доволно прецизен да не ја надмине ниту еднаш. Ми посочи дека поминува околу 300 километри во просек секој ден, а такси компанијата му овозможува полнење на повеќе локации. Морам да го пофалам Volkswagen ID.4 за добриот ентериер, огромниот багажник и удобното чувство при возењето.

Прошетка низ улиците на Хелсинки
Уште при првата прошетка, забележав огромен број на приватни електрични автомобили во градскиот сообраќај, не само такси возила. Многу модели кои ги немав видено во живо, ги видов за прв пат. Тука би ги издвоил шведскиот бренд Polestar, фенси комбито Volkswagen ID Buzz, Ford Mustang Mach-E и многу други.

За ентузијасти за електрични автомобили како мене, прошетката низ улиците на Хелсинки беше исто како посета на ревија во Милано за модните ентузијасти. Многу од минувачите останаа во прашалници кога ме гледаа како фотографирам автомобили од нивното секојдневие, но тоа секако не ме спречи во мојата мисија. 🙂
Полначи насекаде – и тоа буквално
Покрај автомобилите, еден друг аспект ме воодушеви повеќе. На секој јавен паркинг, на секое такси стојалиште, пред државните институции, буквално на секој ќош: електрични полначи. Без стрес, без гужви, без борба за место. Жителите си го полнат автомобилот како да полнат телефон – додека се дома, додека се на работа, додека пијат кафе. И никој не прави драма.
Но, она што посебно ме фасцинираше беа полначите поставени на паркинзите од станбените згради. Зборуваме за згради кои се стари повеќе од 50 години, без подземен паркинг. Како што можете да забележите на видеото подолу, секое надворешно паркинг место има свој полнач!
Финската влада обезбедува субвенции за заедници на станари, со цел да се олесни инсталацијата на полначи за електрични возила во резиденцијални области. Секој полнач е поврзан со електричното броило на сопственикот на паркинг местото, додека пак за сигурност, полначот се активира со RFID картичка која ја има само сопственикот. Полнењето е практично, безбедно, евтино. Подобро од ова не може!
Еден од станарите кого го сретнав беше доволно љубезен да ми одговори на неколку прашања. Кога го прашав зошто решил да премине на струја, едноставно низ смеа и со мала доза на чудење ми одговори: „а зошто да не - во смисла - какво е тоа прашање?“ Во тој момент се свестив дека зборувам со жител на Хелсинки, а не на Скопје.
Јавен транспорт? Погодивте - исто така електричен!
Јавниот транспорт во Хелсинки е вистинска симфонија на тивка, електрична ефикасност. Трамваите веќе со децении се на струја, лизгајќи се низ улиците речиси бесшумно. Градските автобуси - и тие се веќе електрични.

Дополнително, на секој чекор има електрични тротинети и велосипеди за изнајмување. Турист или локалец, не е важно – сите користат паметна, чиста и тивка мобилност. Дури инсталирале и соларни панели за системот за изнајмување и заклучување на велосипедите да функционира, иако се свесни дека сончевите денови се права реткост кај нив, ама сепак, кога има сонце, нека биде бесплатна енергијата!

Хелсинки и Скопје – два града со слична големина, а различна енергија
Интересно е што Хелсинки и Скопје имаат сличен број жители – околу 630 до 660 илјади. Но и покрај тоа, Хелсинки изгледа и функционира сосема поинаку. Таму, улиците се тивки, јавниот транспорт е беспрекорен, а воздухот – чист.
Она што особено ме изненади е густината на население – Хелсинки има околу 3.000 жители по квадратен километар, додека Скопје има речиси 1.100. Со други зборови, Финците живеат трипати погусто, ама дишат стопати почисто. Нема хаос, нема нервоза. Само добро осмислен систем каде секој знае каде оди и како оди - а најчесто оди на струја.
Скопје, од друга страна, има потенцијал – широки улици, доста сончеви денови, и љубопитни граѓани што брзо прифаќаат нови технологии. Но, кога станува збор за урбана мобилност, заглавени сме во некои минати времиња.
Многу поладно, ама и многу по-електрифицирано
И додека ние често велиме „ама кај нас зимата е ладна, не е погодно за електричен автомобил“, вреди да се потсетиме дека Хелсинки има зими што го смрзнуваат дури и WiFi сигналот. Температури од -20°C се редовна појава, па дури и во пролет минусните температури се доста чести. Но и покрај тоа – електрификацијата таму цвета.
Финците нашле примена и створиле навики што го прават електричниот транспорт лесен и во екстремни временски услови. А ние, со нашите меки зими и 280 сончеви дена, сè уште се расправаме дали полначи на улица се „исправна инвестиција“ и дали батериите ќе ни се уништат многу брзо од ладното време.
А што со загадувањето?
Интересно е што Хелсинки никогаш не се соочил со загадување на ниво какво што го знаеме во Скопје. Нема фотографии од чадливи утрини, нема алармантни ПМ10 вредности, ниту масовни протести за чист воздух. И токму затоа е фасцинантно: Финците не чекале да се задушат за да направат промена. Електрификацијата таму не е реакција – туку визија. Внимателно, доследно и долгорочно, градот инвестира во чиста енергија, ефикасен јавен превоз и инфраструктура за електрични возила. Тоа не е кризен менаџмент, туку јасна ориентација кон зелена иднина.
Заклучок
Можеби Хелсинки нема бурек во 3 сабајле или кафана каде се седи до зори, но има нешто силно: плански развој и дисциплина. Секако, има и многу сауни и спа центри. 🙂 Не им биле проблем временските услови, не им биле проблем старите згради без подземни гаражи, не им била проблем “злобната светска електрификациска агенда“ која некој ја води против човештвото, не им било проблем да ја видат иднината и да посакаат истата да ја реализираат во сегашноста.
По сè изгледа, финците ги нашле решенијата за проблемите кои ги имале, но и за оние кои ги немале, како загадувањето. А ние и нашите проблеми? Ние најверојатно чекаме дизелот да поевтини штом сите други држави ќе преминат на струја, па да возиме раат автомобили стари преку 20 години и да “дишеме“ слободно, без да се покориме на “големиот брат“ кој сака да нè натера да се електрифицираме.
А сепак, време е да го приклучиме кабелот на струја...
Бонус: на пат назад до аеродромот
Како за крај, се возевме со такси Mercedes EQC - нивото на луксуз и комфор беше на друго ниво. Таксистот ни кажа дека без проблем поминувал 500 km со едно полнење.

