Замислете свет во кој електричните автомобили се секојдневие, а потоа некој ни го понудил најновиот „револуционерен“ изум – мотор на внатрешно согорување.
Во имагинарен свет каде што луѓето веќе цел век возат тивки, ефикасни и чисти електрични автомобили, се случува голем технолошки настан: појавување на нов вид автомобил кој, наводно, треба да ја “револуционизира мобилноста”. Но овојпат, не со нешто понапредно – туку со мотор кој работи на експлозивна течност наречена бензин!
Па, преку еден сатиричен приказ се обидовме да прикажеме како би изгледале реакциите на луѓето. 🙂 На крај, пренесуваме клучна порака, пред сѐ посветена на електро скептиците…
Новиот мотор работи на принципот на мали експлозии… секунда по секунда
Овој „новитет“ претставува мотор кој создава движење преку постојано согорување на гориво, при што ефективно користи само околу 30% од вкупната енергија, а остатокот се губи како топлина и бучава.
За да помине 400 километри, овој мотор мора да носи околу 250 kWh енергија во форма на течност – и тоа во запалива, токсична и загадувачка форма.
Бучен, вибрира и бара менувач?!
Новиот мотор е толку неефикасен што мора да работи на илјадници вртежи во минута за да постигне доволна сила. Затоа, мора да има комплексен менувач со повеќе брзини.
За разлика од мазната, безшумна работа на електричниот мотор, овој автомобил звучи како да стартува трактор, а внатрешноста вибрира при секое забрзување.
Сложен ланец на гориво: од длабочини до пумпа
За да го „нахраниме“ ова возило, потребен е сериозен енергетски и еколошки апарат:
- Црпење сурова нафта од длабочини под земја или море – со огромна еколошка цена
- Транспорт со бродови – загадување на океаните
- Рафинирање во нафтени постројки – со масивни CO₂ емисии
- Филтрирање на сулфур – со користење на кобалт (иронично истиот метал што го критикуваат кај батериите на електричните автомобили)
- Дистрибуција до бензински пумпи – уште транспорт, уште емисии
Немам гориво дома – треба да одам на бензинска пумпа за да наполнам?
За разлика од електричните возила кои удобно се полнат дома, додека спиете или пиете кафе, овие нови „мотори на гориво“ не можат да се наполнат во гаражата.
Мора да возите до специјализирана бензинска станица секојпат кога ќе се испразни резервоарот. Тоа значи зависност од мрежа на пумпи, редици, чекање, и појава на уште една иронија: треба да возите автомобил за да го наполните автомобилот.
И сè тоа… за да испуштаме чад?
Кога моторот работи, од ауспухот излегуваат:
- Честички (PM) кои навлегуваат во белите дробови
- Азотни и сулфурни оксиди (NOₓ и SOₓ) – главни причинители за астма и аерозагадување
- Јаглерод моноксид (CO) – невидлив гас што може да убие во затворен простор
- Јаглерод диоксид (CO₂) – главен гас што ја менува климата на планетата
Да не зборуваме за потребата од сложени системи за филтрирање, кои се само обид да се ублажат последиците на една застарена и штетна технологија.
Стотици подвижни делови и многу сервисирање
Моторот на внатрешно согорување има:
- Повеќе од 200 подвижни делови
- Потреба за често менување масло, филтри и каиши
- Постојан ризик од дефекти и истекувања
- Контаминирано масло што треба да се собира и правилно да се отстранува – уште загадување!
Опасен и надвор од возењето
Истекувањето на гориво на патиштата доведува до:
- Мрсни површини
- Сообраќајни несреќи
- Пожари
- Еколошки катастрофи при истекување на нафта од танкери
Возење без повратна енергија?
Овие возила немаат регенеративно сопирање – значи секогаш кога кочите, енергијата се фрла во воздухот. Секој спуст значи губење потенцијална енергија, а не полнење батерија како кај електричните возила. Плус, постојаното кочење води до поголема абразија и емисија на прашина од сопирачките.
Зошто би го прифатиле ова?
Во свет каде електричните возила се веќе докажани – тивки, чисти, одржливи, ефикасни, со можност за полнење дома и ниски трошоци за одржување – претставувањето на мотор на внатрешно согорување звучи апсурдно, опасно, дури и комично.
Заклучок: Електричните автомобили не се иднина – тие се разумната сегашност
Ако би ја гледале оваа приказна како филм – ќе се смееме. Но ова е реалност. Наместо да се прашуваме „дали електричните возила се доволно добри?“ – време е да се прашаме: Како воопшто прифативме толку долго да возиме возила кои се толку неефикасни, загадувачки и опасни???
