Со електричен автомобил на одмор без стрес: како најевтино да стигнете до прв крак во Грција?

Патувањето на летен одмор со електричен автомобил веќе не е научна фантастика – туку паметен избор за сите кои сакаат да заштедат, да возат удобно и да го намалат својот јаглероден отпечаток. Во оваа статија ќе ви покажеме како лесно и практично може да стигнете од Куманово до Ханиоти, едно од омилените летувалишта на Македонците на прв крак, и да се вратите до Куманово, користејќи ја достапната инфраструктура.

Ќе го следиме примерот на нашиот имагинарен пријател Атанас од Куманово, кој реши да патува 100% електрично со својот автомобил кој има батерија од 80 kWh – со минимален трошок и максимално уживање. Иако Атанас е имагинарен лик, примерот се заснова на 100% реална достапна инфраструктура и можности за полнење во моментот на дадената рута.

Рутата на Атанас: Куманово – Ханиоти – Куманово

Вкупна далечина: ~340 km во правец – вкупно 680 km.
Времетраење: околу 5 часа во правец (со пауза и чекање на граница)
Пат: Куманово – Скопје – Гевгелија – Евзони – Солун – Афитос – Ханиоти и назад по истата рута.

Полнење: каде и колку полнеше Атанас?

1. Полнење дома (Куманово)

Атанас го наполни својот електричен автомобил преку домашен AC полнач преку ноќ, пред поаѓање.

  • Колку полнеше? До 100% батерија (во примерот се користи батерија од 80 kWh)
  • Цена по kWh (евтина тарифа): ~5 ден
  • Трошок: 80 kWh × 5 ден = 400 денари
  • Досег: Со капацитет од 80 kWh, Атанас обично може да помине преку 480 km, но во случајов, Атанас сака да ужива во врвните перформанси на својот автомобил и на брзини од 120-130 km/h, потрошувачката е 20 kWh на 100 km, односно досегот се намалува на 400 км.

*Интересен факт: гужвата на граница, стоењето во место и бавното придвижување не влијаат на потрошувачката на електричните автомобили, за разлика од останатите (бензинци, дизели), кои трошат гориво и додека стојат во место и бавно се поместуваат. Во случајов, знаејќи каков хаос може да настане на ГП Богородица, електрификацијата значи и помалку нервози при чекање.

2. Полнење на Лидл Афитос – бесплатен полнач во Грција

На пат кон крајната дестинација, Атанас направи пауза во Лидл Афитос за да испазари храна и пијалоци за неговиот одмор, но и да го искористи бесплатниот AC полнач за клиентите до 30 минути (вон сезона, полначите на Лидл се достапни и за неограничено полнење). Полначот е со капацитет од 20 kWh. Насловната слика на оваа објава е направена од админот на страната токму на паркингот на овој Лидл. 🙂

  • Полнење: додадени 10 kWh
  • Цена: 0 денари
  • Време: 30 минути (додека пазареше во маркетот)
  • Досег: При пристигнување во Лидл Афитос, Атанас имаше преостанат досег од 80 km. Со додадените 10 kWh, досегот порасна на 130 km – повеќе од доволно за преостанатите 20 km до Ханиоти.

3. Полнење во сместувањето во Ханиоти

Сместувањето на Атанас во Ханиоти има обезбедено штекер во дворот (или на терасата), па многу лесно автомобилот може да се поврзи за ноќно полнење.

  • Полнење: преку стандарден приклучок со кабелот од автомобилот
  • Цена: домаќинот може да дозволи тоа да биде бесплатно, или пак трошокот да биде минимален и за тоа да побара одреден надомест (за тоа треба да се преговара однапред, но веќе лицата кои издаваат сместување во Грција се свесни за ваквата сè почеста потреба).
  • Време: 8 до 10 часа во текот на ноќта
  • Досег: 100% наполнета батерија со досег од 400 km при побрзо возење на отворено. Атанас може да вози по целиот прв крак секој ден, а со полнење на последната вечер, да го припреми својот автомобил за патот назад до Куманово.

*Интересен факт: при пребарување на сместувачки објекти на booking.com и на други слични апликации, постои филтер за достапност на полнач за електричен автомобил, со што може да ги прегледувате само сместувањата кои имаат полнач или нудат опција за полнење (штекер). Доброто планирање е основа за безгрижно патување.

4. Полнење на Лидл Солун – бесплатен полнач во Грција

На враќање, Атанас реши да направи пауза за гиро и шопинг во Солун, па во еден од многуте Лидл маркети ја искористи можноста да ја дополни батеријата.

  • Полнење: додадени 10 kWh
  • Цена: 0 денари
  • Време: 30 минути
  • Досег: При пристигнување во Лидл Солун, Атанас имаше преостанат досег од 300 km. Со додадените 10 kWh, досегот порасна на 350 km – повеќе од доволно за преостанатите 240 km до Куманово.

Вкупни трошоци и време на патување

За да стигне од Куманово до Ханиоти, Атанас потроши 68 kWh, или вкупно 136 kWh во двата правци. Тука не ги сметаме и километрите поминати по одморалиштата на Касандра, кои во пресметкава излегуваат “гратис“ бидејќи сопственикот на сместувањето му дозволи на Атанас да го полни својот автомобил за време на престојот. Заедно со користењето на полначите на Лидл во Грција, вкупната цена која Атанас ја плати за “гориво“ е неверојатни 400 денари. Трошокот на дизел автомобил за гориво би бил најмалку 3500 денари, само на дадената рута без екстра километри од место до место на Касандра.

*Интересен факт: дури и Атанас да одлучеше да полни на брзиот полнач од 100 kWh на Макпетрол Гевгелија, каде се плаќа 25 денари по kWh, вкупно ќе платеше околу 1000 денари без да ги користи полначите на Лидл, што е пак далеку поевтино отколку со дизелски автомобил.

Во однос на времето за да стигне до Ханиоти и назад, на Атанас му беа потребни околу 5 часа во правец, со вклучени паузи и на одење и на враќање од 30 минути на Лидл, како и чекање од 30 минути на граница. Доколку пак го користеше брзиот полнач на Макпетрол Гевгелија, паузата ќе беше дури и малку пократка, а дополнувањето во kWh ќе беше поголемо (но и поскапо).

Совети од Атанас за безгрижно електрично летување

  • Секогаш полнете до 100% дома пред пат.
  • Проверете ја состојбата со достапни полначи преку нашата мапа на полначи и планирајте соодветно каде и да одите. Апликацијата нуди опција и да прикажува само бесплатни полначи!
  • Секогаш понесете го полначот од автомобилот за AC полнење за да можете да полните секаде на обичен штекер.
  • Договорете се однапред за можноста за полнење во сместувањето и паметно пребарувајте сместувања со користење на филтер за достапност на опција за полнење.
  • Во Грција, Lidl е вашиот најдобар пријател за бесплатно полнење + пазарење кое и онака сите го правиме. Но, дури и Лидл да реши да наплаќа за полнење во иднина, повторно исплатливоста е несомнена споредена со возила со погон на внатрешно согорување.

Атанас од Куманово ни покажа дека патувањето со електричен автомобил до Ханиоти е не само изводливо, туку и поевтино, поеколошко и поудобно од класичен мотор со внатрешно согорување. Со добра организација и планирање, секој може да ужива во безгрижен одмор – со минимални трошоци и максимална слобода.