Од 3 до 5 октомври во Ниш се одржа првиот саем на електромобилност во регионот, а Geely EX5 беше наш верен придружник. Овој настан собра ентузијасти, компании и производители од целиот Балкан. Ние тргнавме од Скопје со три цели:
- Да го посетиме овој прв, симболичен настан за електромобилност во овој дел на Србија;
- Да го тестираме Geely EX5, новиот електричен SUV кој ја претставува најновата технолошка еволуција на кинескиот производител; и
- Да ја тестираме инфраструктурата за полнење долж автопатот до Ниш и назад – вистинска можност да се види колку регионалните патишта се подготвени за иднината на електромобилноста.

Вреди да се напомене дека ова беше прв тест-драјв на електричен автомобил регистриран во Македонија, надвор од границите на Македонија. На тој факт сме особено горди, но и благодарни на тимот на Geely Македонија за довербата.
Почеток на патувањето
Тргнавме рано наутро, околу 08:30 часот, со батерија наполнета до околу 95%. Со Geely EX5, преминот од “вие“ на “ти“ се случи во првата минута од нашето запознавање. Веднаш забележавме дека нуди неверојатно чувство на стабилност, сигурност и безбедност во секој потег и на секоја кривина.
Технолошка основа и дизајн на Geely EX5
Geely EX5 е изграден врз новата GEA 3.0 платформа, која е развиена специјално за електрични возила од новата генерација. Платформата овозможува ниско тежиште, рамномерна распределба на масата и високо ниво на безбедност.
Во основата на системот се наоѓа електромотор со моќност од 160 kW (218 КС) и вртежен момент од 320 Nm, што му дава на EX5 забрзување од 0 до 100 km/h за околу 6,9 секунди. Батеријата е со капацитет од 60,22 kWh, користи технологија на кратки „Short Blade“ ќелии со зголемена енергетска густина и подобрено ладење, што овозможува поголема стабилност и безбедност дури и при високи температури.

EX5 поддржува брзо DC полнење до 100 kW, при што батеријата од 30% до 80% може да се наполни за околу 20 минути. Во реални услови, WLTP автономијата изнесува меѓу 430 и 495 километри, зависно од стилот на возење и условите на патот.
Дизајнот на EX5 е модерен и технолошки ориентиран: аеродинамична линија, затворена предна маска, тенки LED светла и пропорции што наликуваат на премиум SUV од европските брендови. Се чувствува дека ова е возило кое е создадено да изгледа елегантно, но и да биде практично.
Цената на Geely EX5 изнесува 36.990 евра. Кога ќе се земат предвид перформансите, гаранцијата и сето она што е вклучено во пакетот на опрема, цената е далеку поконкурентна во споредба со европските производители.
Внатрешност која нуди релаксирачка тишина
Кабината на EX5 остава впечаток на модерен луксуз. Просторот е голем, материјалите се меки и пријатни, а централниот дисплеј со дијагонала од 15,6 инчи и дигиталната инструмент табла од 10,25 инчи даваат чувство дека возиш компјутер на тркала.

Седиштата се со вградена масажа, вентилација и електрично подесување, што значи дека и по неколку часа возење остануваш без замор. За подолги патувања – како нашето до Ниш и назад до Скопје – тоа е повеќе од привилегија.
Панорамскиот кров додава чувство на просторност, а амбиенталното осветлување ја менува бојата во зависност од режимот на возење, што создава пријатна атмосфера во текот на целото патување.

Првата делница – Прешево и Предејане
Првото кратко застанување беше кај наплатната рампа за патарина Прешево во Србија, неколку километри после граничниот премин Табановце. Таму има бесплатен полнач за електрични возила, но бидејќи батеријата ни беше солидно полна, само проверивме дали функционира и продолживме понатаму. Таму е поставен DC полнач со моќност од 40 kw. Ова место е одлична точка за сите што влегуваат во Србија со понизок процент на батерија – лесно пристапно и со логична поставеност. Најавата од јавното претпријатие за патишта на Србија е дека во иднина ќе се наплаќа, но засега, сè уште е бесплатен.

Нашата следна станица беше легендарното Предејане, симболично место на одмор за сите патници на релацијата кон Белград и понатаму на север. Иако со новиот автопат пристапот не е директен, сепак, во името на старите добри времиња, решивме нашата пауза да ја направиме таму. Покрај хотелот има поставено бесплатни AC полначи од 22 kW, како и еден DC полнач од 60 kw за кој се плаќа 1500 српски динари (околу 780 денари) за половина час полнење.

Решивме да направиме пауза, да се напиеме кафе и чај, и да го тестираме бесплатниот полнач. За дваесетина минути, EX5 надополни неколку проценти енергија – доволно да потврдиме дека инфраструктурата долж автопатот се развива во вистински правец. Ако некој сака да остане подолго на Предејане и да се препушти на уживање со легендарната плескавица со кајмак, тогаш и бесплатниот полнач е добра опција.

Брзо полнење на Geely EX5 во Брестовац
Пред влегување во Ниш, застанавме во Брестовац, на станицата ЛЕДИ МС, веднаш покрај автопатот, на околу 25 км пред Ниш. Таму се поставени брзи DC полначи од 120 kW, со цена од 48 српски динари (околу 25 денари) по kWh. Ова беше првиот вистински тест на брзо полнење за денот – и резултатите беа одлични. За само дваесетина минути, батеријата се подигна над 80%, што е одличен показател за комбинацијата на ефикасна батерија и стабилен систем за управување со енергијата во EX5.

ЛЕДИ МС е станица која нуди метан и електрични полначи – што е за пофалба. До станицата имаат поставено доста голема фотонапонска централа, па најголем дел од енергијата со која се полнат електричните автомобили доаѓа од обновливи извори. За оваа станица дознавме од српски возач на ЕВ, кој ни потенцираше дека тоа е омилена постојка за сите кои од Белград и од северот на Србија возат кон југ, односно кон Македонија и Грција.

Пристигнување во Ниш и впечаток од саемот
Во Ниш пристигнавме со околу 80% батерија и уште подобро расположение. На Саемот на електромобилност, Geely имаше силно присуство – токму EX5 беше еден од највпечатливите модели на изложбата.

Посетителите имаа можност одблиску да го видат моделот, да седнат во ентериерот и да ги почувствуваат материјалите и технологијата. Ова беше прво поголемо регионално претставување на EX5 на југот на Србија, а интересот беше голем.
На саемот вкупно беа изложени 30-ина електрични модели од повеќе производители. Посетеноста беше солидна, што би требало да ги охрабри организаторите да продолжат со негова организација и во наредните години. За самиот саем ќе следува посебна објава, каде ќе ги претставиме сите изложени модели и нашето видување за настанот.

Електрично низ Ниш – градски круг и кафанска пауза
По посетата на саемот, решивме да направиме и кратко градско возење низ Ниш, чисто да видиме како EX5 се снаоѓа во урбан хаос, со свиоци, семафори и кратки релации. И тука вистински заблеска – потрошувачката веднаш падна на околу 11-12 kWh/100 km, што потврдува колку овој SUV е ефикасен во градски услови.
Тивок, лесен и агилен, EX5 се движеше низ тесните нишки улици без напор, со чувство како да лебди над калдрмата. По неколку кругови низ центарот, направивме убава пауза во локална кафана со традиционална музика и нишка гостољубивост. Секако, како одговорни возачи наздравивме само со кока кола. 🙂
Потрошувачка и перформанси на Geely EX5 во реални услови
На патот од Скопје кон Ниш, возевме побрзо со цел да ги испитаме перформансите. Забрзувањето на моделот е сјајно и додека погледнете во брзинометарот, веќе сте на граница да ја пречекорите дозволената брзина. 🙂 Потрошувачката се движеше околу 20 kWh/100 km, што е сосема очекувано за ваков стил на возење.

Возилото реагираше агилно, стабилно во свиоци, а суспензијата нуди совршен баланс меѓу удобност и контрола. EX5 е тивок дури и при високи брзини, благодарение на двојната звучна изолација и оптимизираниот облик на каросеријата.
На враќање, со поумерено возење и просечна брзина од околу 110 km/h, потрошувачката падна на 15 kWh/100 km. Ова потврди дека моделот е исклучително ефикасен кога се вози во нормални услови, што го прави совршен избор за долги релации.
Полначите во Македонија – позитивни страни и предизвици
Иако после полнењето на Брестовац имавме доволно батерија за да стигнеме до Скопје, сепак сакавме да направиме тест на домашната инфраструктура. За жал, брзиот полнач на ЕВН на Макпетрол Куманово не беше во функција, што е сигнал дека одржувањето на инфраструктурата мора да биде приоритет. На истата станица, им помогнавме со наоѓање на алтернативни локации за полнење на други два електрични автомобили од Германија и Бугарија, кои ни споделија дека во нивните држави немаат вакви предизвици…

Сепак, импресијата за домашната инфраструктура беше поправена кога пристигнавме на брзиот 150 kW полнач на ЕВН на Меѓународниот аеродром Скопје, кој функционираше беспрекорно. Таму EX5 стигна од 25% до 90% за околу 30 минути, потврдувајќи дека батеријата има стабилна крива на полнење и дека возилото е подготвено за подолги патувања. Иако номинално е декларирано дека полни со максимум 100 kwh, сепак забележавме дека полнењето во одредена фаза надминуваше и 115 kwh.
Заклучок – електричен SUV кој ги поставува стандардите
Патувањето од Скопје до Ниш и назад беше вистинска потврда дека Geely EX5 е повеќе од уште само еден кинески електричен SUV. Тоа е модел кој комбинира технологија, удобност, безбедност и реална ефикасност.
Со домет до 420 km, брзо полнење, тивко возење и внатрешност која личи на кабина од бизнис-класа, EX5 покажува дека електричните автомобили денес можат без компромис да ги заменат традиционалните возила на долг пат.

Српската инфраструктура се развива со солиден ритам, а првиот саем во Ниш е сигнал дека електрификацијата зазема замав и надвор од Белград во краишта кои традиционално се доживуваат како помалку развиени. Додека во Македонија, останува потребата за поголема извесност и редовно одржување на постојните полначи.
Едно е сигурно – патувањето беше успешно, Geely EX5 блескаше и остави впечаток на премиум електрично возило спремно и за секојдневно градско возење, но и за подалечни авантури. И не, електрификацијата не е научна фантастика. Полека, но сигурно, станува возможна и во овие наши краишта…
