Типови на полначи за електрични автомобили: Сѐ што треба да знаете

Со сè поголемата популарност на електричните автомобили, сè почесто ги слушаме прашањата: Кој полнач е најдобар за мојот автомобил? Дали е подобро за батеријата да се практикува брзо или бавно полнење? Дали можам да полнам само на штекер или ми треба и wallbox полнач за дома? Во оваа објава ги разгледуваме трите основни типа на полначи за електрични возила и нивните карактеристики.

Тип 1: Бавни полначи (Level 1 / AC полнење 230V)

  • Извор на енергија: Стандарден домашен приклучок (монофазен)
  • Брзина на полнење: ~15–20 km додаден досег на час
  • Време за целосно полнење: 6–15 часа (во зависност од батеријата)
  • Погоден за: Ноќно полнење дома, автомобили со помали батерии
  • Моќност: од 2.3 до 7.4 kW (во зависност од електричната инсталација)

Наједноставно и најевтино решение, но најбавна опција. За точниот капацитет на монофазно полнење, најдобро е да се консултирате со обучен електричар, кој може да направи проценка на соодветноста на вашата инсталација.


Тип 2: Полу-брзи полначи (Level 2 / AC полнење 400V)

  • Извор на енергија: Трифазна струја, најчесто на јавни AC полначи или домашни wallbox станици
  • Брзина на полнење: ~30–100 km автономија на час
  • Време за целосно полнење: 3–8 часа (во зависност од батеријата)
  • Погоден за: Побрзо полнење дома или преку ден на работа
  • Моќност: 7.4 до 22 kW (во зависност од тоа дали се користи само обичен трофазен приклучок или wallbox домашен полнач)

Најбалансирана опција за секојдневно користење. Пред да инсталирате домашен wallbox полнач, проверете дали инсталацијата поддржува трифазна струја и има соодветни осигурувачи – тоа значително ќе го скрати времето за полнење и ќе го направи полнењето безбедно. Секогаш користете професионалци при монтажа на домашен полнач.


Тип 3: Брзи и ултра-брзи полначи (DC Fast Charging)

  • Извор на енергија: Јавни станици со директна струја (DC)
  • Брзина на полнење: ~100–300+ km автономија за 30 минути
  • Време за 80% полнење: 15–45 минути (во зависност од батеријата)
  • Погоден за: Долги патувања, брзи паузи
  • Моќност: 50 kW до 350 kW (а веќе има и нови полначи кои имаат капацитет од 1000 kW!)

Идеален за патувања – но не се препорачува секојдневно користење поради влијание врз батеријата.


Важно: Не сите електрични возила поддржуваат ист тип и брзина на полнење!

Иако постојат ултра-брзи DC полначи од 350 kW а и повеќе, не секој електричен автомобил може да ја искористи таа моќност. Секој автомобил има свој максимален капацитет за AC и DC полнење, дефиниран од производителот. На пример, некои модели поддржуваат максимум 11 kW AC полнење, додека други – до 22 kW. Кај DC полнењето, лимитот може да биде 50 kW, 100 kW, или повеќе.

Затоа е важно при купување да проверите колкав максимум може да прими автомобилот, и со тоа да планирате и каде и како ќе го полните.

Заклучок

Изборот на полнач зависи од вашите навики, типот на возило и достапната инфраструктура. Комбинацијата на домашен AC wallbox полнач и повремено користење на јавни DC станици е најпрактична за повеќето возачи.