Со порастот на бројот на електрични возила, тие стануваат повеќе од средство за транспорт – сѐ повеќе се нагласува нивната улога како подвижни извори на електрична енергија. Благодарение на двонасочните полначи и технологијата "возило кон мрежа" - Vehicle-to-Grid (V2G), електричните возила можат не само да примаат енергија од мрежата, туку и да ја враќаат назад.
Што претставува V2G технологијата?
Vehicle-to-Grid (V2G) е технологија која овозможува комуникација и размена на енергија помеѓу електричните возила и електричната мрежа. Кога возилото е приклучено на двонасочен полнач, енергијата складирана во неговата батерија може да се врати назад во мрежата, особено кога побарувачката за струја е зголемена. Ова го претвора секое електрично возило во активен учесник во енергетскиот систем.
Како функционираат двонасочните полначи?
Вообичаените полначи ја полнат батеријата на електричното возило од мрежата. Двонасочните полначи пак, имаат можност да ја враќаат струјата назад во системот. Тие работат во два режими:
"Возило кон домаќинство" - Vehicle-to-Home (V2H) – снабдување на домаќинството со струја од батеријата на возилото. Струјата останува во рамки на домашната мрежа и не оди "зад" броилото.
Vehicle-to-Grid (V2G) – испраќање енергија од батеријата назад во јавната мрежа (со двонасочно броило). Ова е нешто налик враќањето на струја во мрежата од производство од фотоволтаици.
Овие технологии бараат компатибилни возила, специфичен полнач и поддршка од енергетската мрежа и операторот.
Кои се придобивките?
Рамномерен енергетски систем – ЕВ можат да помогнат во стабилизирање на мрежата, особено кога има пикови во потрошувачката.
Подобро искористување на обновливи извори – кога има вишок струја од соларни панели или ветерници, таа може да се складира во батериите на возилата.
Дополнителна заработка за сопствениците – во иднина, системите би можеле да овозможат сопствениците да заработат со продажба на струја назад кон мрежата.
Енергетска независност – домаќинствата добиваат алтернатива во случаи на прекин на струја, користејќи го својот автомобил како резервоар на енергија. Исто така, ова е применливо и за објекти (на пр. викендички) кои немаат пристап до мрежата на електрична енергија, па со користење на батеријата од возилото може да се креира off-grid систем.
Иднината на енергетски поврзаните возила
Системите како V2G се уште се во фаза на развој и тестирање во многу земји, но потенцијалот е огромен. Во иднина, милиони електрични возила приклучени на мрежата би можеле да го трансформираат начинот на кој размислуваме за електрична енергија – од централизирана, во флексибилна и одржлива.
