Податоците на Eurostat за 2024 година покажуваат дека електричните автомобили во Европската Унија (ЕУ) продолжуваат да ја зголемуваат својата застапеност. Во текот на 2024 година биле регистрирани 1,45 милиони нови електрични автомобили со батерија. Во рамките на новите регистрации на патнички возила, електричните модели учествувале со 13,6 % во 2024 година.
Вкупниот возен парк на електрични возила во ЕУ сега брои 5,87 милиони автомобили, што претставува пораст од 32 % во однос на претходната година. За потсетување: пред 2018 година уделот на новите ЕВ беше под 1 %. Со текот на годините, таа бројка рапидно се зголемуваше: 5,3 % во 2020, 9,0 % во 2021, 12,1 % во 2022.

Разлики меѓу земјите на ЕУ
Земјите-членки покажуваат значителни разлики во прифаќањето на електричните возила. Во некои пазари, електричниот автомобил веќе станува доминантен избор:
- Данска – 51,3 %
- Малта – 37,7 %
- Шведска – 34,9 %
Од друга страна, дел од источните и централноевропските држави сè уште имаат скромен удел:
- Хрватска – 1,8 %
- Словачка – 2,4 %
- Полска – 3,0 %
Овие податоци укажуваат дека развојот на инфраструктурата и државната поддршка играат клучна улога во темпото на прифаќање на електричните возила. Некои од наведените држави, како Хрватска, веќе нудат сериозни субвенции за купувачите и се обидуваат да го стигнат европскиот просек.

Трендови во другите категории возила во ЕУ
Електрификацијата во 2024 година не се ограничува само на патничките автомобили. Раст има и кај повеќе категории возила со батериски погон:
- тешки камиони: зголемување од 39,7 %
- земјоделски трактори: раст од 35,5 %
- автобуси и патнички превозни средства: раст од 28,2 %
Кај лесните товарни возила, пак, е забележан пад од 10,8 %, што делумно ја намалува вкупната динамика на растот.
ЕУвлегува во фаза на стабилизација
Севкупно, 2024 година може да се опише како година на стабилизација на пазарот на електрични автомобили во Европската Унија. По периодот на експлозивен раст, пазарот сега се консолидира и покажува зрелост. бројот на активни возила расте, додека растот на новите регистрации на електрични автомобили се одвива со умерено темпо.
Поуки за регионот
Искуството на земјите од ЕУ е корисно и за регионот, особено за земји како Северна Македонија каде електричната мобилност сè уште е во подем. Резултатите од 2024 година потврдуваат дека стабилна инфраструктура, јасни политики и економски поттик се неопходни предуслови за забрзано прифаќање на електричните возила.