Овој понеделник во Скопје помина во вистински електричен дух. Тимот на elektricniavtomobili.mk присуствуваше на промоцијата на новиот Geely EX5. Овој SUV носи свежина на македонскиот пазар и отвора ново поглавје во понудата на електрични автомобили.
Настанот беше организиран со стил, со внимателно избалансирана атмосфера помеѓу автомобилскиот адреналин и урбаната енергија. А за дополнителна позитивна нота се погрижи DJ Вера Јанковиќ, која со својот сет му даде вистински градски шмек на претставувањето.

Geely – од локален бренд до глобален играч
Geely е автомобилски бренд со потекло од Кина, основан во 1986 година. За само неколку децении брендот успеа да стане еден од најголемите производители на автомобили во светот. Денес Geely е сопственик и на познати имиња како Volvo Cars, Polestar, Lotus и Lynk&Co. Тоа само потврдува колку е сериозно позициониран на глобалната сцена.

Со EX5, Geely ја продолжува својата стратегија за електрификација и јасно покажува дека иднината на брендот е во нулта емисии и напредна технологија. Покрај EX5, на настанот беше промовиран и Geely Cityray, уште еден интересен модел кој го најавува ширењето на понудата на брендот кај нас. Но, да се задржиме на електричниот момент. 🙂
Увозникот во Македонија – силен тандем со Lynk&Co
На македонскиот пазар Geely пристигнува преку официјалниот увозник, Делфино Мобилити Груп, кој веќе работи и со брендот Lynk&Co. Со оваа комбинација, македонските љубители на автомобили добиваат пристап до две имиња кои се препознатливи по современ дизајн, напредна технологија и фокус на одржливоста.

Geely EX5 – што носи новиот SUV?
Geely EX5 е електричен SUV кој комбинира динамика, практичност и модерна технологија. Со досег до околу 425 километри и забрзување до 100 km/ч за нешто повеќе од 7 секунди, моделот нуди сигурност и агилност во секојдневното возење. Благодарение на поддршката за брзо полнење, батеријата може да се надополни од 30 до 80 проценти за само дваесетина минути. Тоа дава сериозна предност за активните и “нетрпеливи“ возачи кои не сакаат долго да чекаат.

Кабината е дизајнирана да понуди чувство на удобност и луксуз, со ергономски седишта што овозможуваат и вентилација, греење и масажа. Дополнително чувство на пространост нуди и панорамскиот покрив кој внесува светлина и просторност во внатрешноста. Технолошката надградба е видлива и во големиот HUD дисплеј што ги прикажува сите важни информации пред возачот, без да го одвлекува погледот од патот.
EX5 е изграден врз интелигентна електрична архитектура која ја оптимизира ефикасноста и интегрира напредни безбедносни системи. Возачите можат да сметаат на цела палета асистенти за возење. Тоа вклучува адаптивен круз контрол и итно сопирање, предупредувања за мртов агол и одржување на возилото во лентата.

Сето ова го прави Geely EX5 SUV не само да изгледа модерно и енергично, туку и да внесува ново ниво на доверба и практичност во сегментот на електрични возила.
Атмосфера полна со енергија и најава на нова дружба
Настанот не беше само класична автомобилска промоција – туку и урбано дружење, инспирација за електричната иднина и уште една потврда дека електричните автомобили на голема врата доаѓаат во Македонија.

Geely EX5 е веќе тука – македонските улици стануваат побогати со уште еден интересен електричен играч. Дефинитивно, овој модел има потенцијал да заземе значаен дел од продажбата во неговиот сегмент. И ова е само почеток на нашата дружба. Чест ни е да најавиме дека наскоро повторно ќе се дружиме со овој модел, затоа очекувајте интересни новини и од нас и од Geely Македонија.
За повеќе детали за Geely EX5, посетете ја официјаната веб-страна на Geely Македонија на овој линк.
