Најпродавани брендови на електрични автомобили во светот во 2024 година

Глобалниот пазар на електрични автомобили во 2024 година бележи рекордни бројки – продадени се речиси 17,1 милиони целосно електрични автомобили. Годината донесе значајни промени на пазарот, со тесна трка меѓу еден американски и еден кинески гигант на самиот врв. Дополнително, кинеските брендови продолжуваат да ја зголемуваат својата доминација.

Еве ги најпродаваните брендови на електрични автомобили за 2024 година:

Tesla – сè уште број 1, но со тенка предност

Tesla повторно го задржа првото место на светската листа со 1.789.226 продадени електрични автомобили, иако тоа претставува мал пад во однос на 2023 година. Најголем успех повторно постигна моделот Model Y, кој важи за најпродаван автомобил во светот, како и Model 3.

Сепак, ограничениот избор на модели и растечката конкуренција, особено од Кина, покажуваат дека предноста на Tesla станува сè потешка за одржување.

BYD – кинескиот гигант е на чекор од лидерската позиција

Кинескиот производител BYD има блескава година со 1.764.992 продадени електрични автомобили, што е раст од 12 %. BYD е сè поблиску до престигнување на Tesla, и се очекува токму тоа да се случи веќе во 2025 година.

Нивниот успех се должи на широка понуда – од достапни градски модели како Dolphin, до поголеми и пософистицирани возила како Seal и Sealion 7 (како и моделите Tang и Han наменети за кинескиот пазар, каде BYD апсолутно доминира). Дополнително, конкурентната цена и домашната поддршка од Кина играат голема улога во успехот на брендот.

Geely – импресивен раст и трето место

Третото место го зазема Geely, со над 832.000 продадени електрични автомобили, што претставува раст од 58 % во однос на 2023. Geely настапува на пазарот и преку своите поврзани брендови како Zeekr, Geometry и Volvo, со што покрива различни сегменти – од градски до луксузни електрични возила.

Нивната стратегија со современ дизајн, напредни технологии и меѓународна соработка веќе дава резултати.

Volkswagen – мали осцилации во продажбата

На четвртата позиција се наоѓа Volkswagen, со околу 745.000 продадени електрични возила, што е мало намалување во однос на претходната година. Со модели како ID.3 и ID.4, брендот има значајно присуство во Европа, но се соочува со голем предизвик од кинеските брендови кои нудат конкурентни цени и побрза иновација.


Што покажуваат овие податоци?

  • Кина станува светски центар за електрични автомобили. Покрај BYD и Geely, голем дел и од другите најбрзорастечки брендови доаѓаат од Кина.
  • Tesla е под притисок. Иако сè уште води, разликата со BYD е речиси избришана. Ако трендовите продолжат, BYD може да стане најпродаваниот бренд на електрични автомобили во светот веќе оваа (2025) година.
  • Европските и останатите азиски (не кинески) брендови треба да вложат повеќе. Volkswagen, Hyundai, Toyota, Renault и останатите се со стабилно присуство, но ризикуваат да останат зад конкурентите доколку не го забрзаат темпото на развој.

Очекувања за 2025 година

Сè укажува на тоа дека 2025 година ќе биде пресвртна. BYD има сериозни шанси да стане нов лидер, особено со својата агресивна меѓународна стратегија. Од друга страна, Tesla ќе треба да одговори со нови модели и освежување на својата понуда за да ја задржи водечката позиција.


Доколку сакате да купите електрично возило, овие трендови се добра насока за да ги следите најиновативните и најпродаваните брендови. Пазарот станува се поконкурентен – што е одлична вест за купувачите.