Avant2Go: Изнајмување електрични автомобили во Скопје!

Avant2Go ја донесе револуцијата на електричната мобилност во Скопје, овозможувајќи ви да изнајмите 100% електричен автомобил за неколку минути, часови или денови – сè преку мобилна апликација. Оваа услуга не само што има еколошка компонента, туку за многу луѓе може да се покаже и како исклучително практична и економична. Наместо да поседувате автомобил и да ги сносите сите трошоци за одржување, регистрација, гориво итн., едноставно “рентате“ електричен автомобил само за време колку што ви е потребно, па макар тоа биле и 30 минути.

Направивме и пресметка на деталните трошоци за изнајмување со Avant2Go, која ќе ја најдете подолу во текстот.


Како функционира Avant2Go?

  1. Регистрација: Апликацијата Avant2Go е достапна на Android или iOS – потребно е да извршите регистрација и да изберете пакет со еднократна уплата (наведено е дека средствата може да ги искористите за возење)
  2. Избор на возило: Преку апликацијата може да бирате електричен автомобил – во моментот проверивме дека достапни опции се Renault Zoe, Smart ForTwo и Smart ForFour.
  3. Резервација и користење: Возилото се резервира и се отклучува преку апликацијата, по што можете да започнете со возење.
  4. Завршување на наемот: По завршување, автомобилот треба да го оставите на една од Avant2Go станиците (прочитајте подолу каде има станици) и да го прекините изнајмувањето на мобилната апликација.

Сè е дигитално, без клучеви и без потреба од физички контакт.


Цени и начини на плаќање

Цената на наемот зависи од моделот на возилото, времетраењето на наемот и изминатите километри. Во прилог табела со јавно достапните цени, а подолу ќе најдете и два практични примери за трошоци.

Пример 1: Изнајмување на Smart ForFour на релација од СЦ Борис Трајковски до СЦ Јане Сандански (Карпош до Аеродром).

Ако за оваа релација од 7 км ви се потребни 25 минути, а цената за изнајмување на Smart ForFour е 5 денари на минута + 22 денари на километар, тоа значи дека во нашиот пример збирно ќе платите 279 денари.

Пример 2: Изнајмување на Renault Zoe на 24 часа

Renault Zoe може да го изнајмите за 1990 денари на 24 часа, со вклучени 100 km.

Плаќањето се врши директно преку апликацијата, а во цената се вклучени:

  • Осигурување;
  • Одржување;
  • Полнење на батеријата на одредените паркинзи;
  • Бесплатен паркинг на Avant2Go локациите.

Дополнително, на нивниот веб-сајт ќе пронајдете информации и за цените за изгубени документи од возилото, оштетувања, стручна интервенција поради вина на корисникот и останати аспекти кои се стандардни за рентање автомобили.


Локации на Avant2Go станици во Скопје

Avant2Go има повеќе станици низ Скопје каде сте обврзани да го подигнете и оставите електричниот автомобил:

  • Супер Тинекс 4 (Раде Кончар);
  • Зебра Мол;
  • Годи;
  • Хотел Хилтон;
  • Супер Тинекс 3 (Првомајска);
  • Сити Мол;
  • Прокредит банка (дирекција);
  • Плоштад Автокоманда;
  • Триглав Дирекција (Хипериум);
  • СЦ Јане Сандански;
  • Катна гаража Разловечко Востание;
  • Хотел Континентал;
  • СЦ Борис Трајковски;
  • Алфи Техно Центар;
  • Спортска сала Автокоманда;
  • Кино Маџари;
  • Парк (Рагуза Груп);
  • Топанско поле;
  • Парк Резиденс;
  • Општина Чаир;

Сите станици се опремени со резервирани паркинг места и полначи за електрични возила. Полнењето на батеријата е бесплатно на Avant2Go станиците.


Дали изнајмувањето на електричен автомобил од Avant2Go вреди?

Иако на прв поглед може да изгледа доста комплицирано, сепак за некои луѓе ова може да претставува одлична алтернатива на поседување автомобил. А во однос на користење такси, трошоците се малку пониски. Придобивките од користењето не може да се генерализираат и зависат лично од сечии приоритети. Многу голем фактор во исплатливоста е прашањето дали локациите за изнајмување и паркирање се соодветни на вашите потреби. Како клучни позитивни аспекти може да се наведат:

  • Флексибилност: Изнајмете автомобил кога ви е потребен, без обврски за одржување или осигурување.
  • Економичност: Плаќате само за времето и километражата што ја користите.
  • Еколошки: 100% електрични возила без емисии на CO₂.
  • Достапност: Станици на доста локации низ Скопје.

Avant2Go е иницијатива која го заслужува вашето внимание!

Иако не може да кажеме дека Avant2Go ќе има огромно влијание врз намалување на загадувањето, сепак ваквата бизнис иницијатива е за голем поздрав, најмногу поради фактот што е пионер во електрификацијата во Македонија. Им посакуваме многу успех, а се надеваме дека ќе дадат и придонес во помасовно прифаќање на електричните автомобили во Скопје и во Македонија. Па, чекаме коментари од вашите искуства со рентање на Avant2Go!

За повеќе информации, посетете ја нивната официјална веб-страница: avant2go.mk