Кинескиот батериски производител CATL ја претстави својата најнова технологија – Choco-SEB, систем за автоматска замена на батерии кај електрични автомобили. Процесот трае само 100 секунди, што е значително побрзо од класичното полнење на батеријата. И не само тоа, туку времетраењето е на ниво на полнење гориво на бензинска станица! Плус, не треба да чекате за да платите на каса, бидејќи системот е со месечна претплата. Првично, оваа услуга ќе биде достапна само во Кина.
Замената на батерии беше првично воведена од производителот НИО, кој нуди замена на батерија од 3 до 5 минути и веќе има преку 3000 станици за замена во Кина. Сепак, проектот на CATL има за цел да отиде еден чекор понапред.
Како функционира системот?
Choco-SEB користи стандарден батериски модул кој може да се вгради во различни модели на возила. Возилото влегува во станицата за замена, каде што роботизирана платформа ја отстранува старата батерија и поставува нова, целосно наполнета. Името Choco е искористено поради тоа што самите пакувања на батериите потсетуваат на чоколадни барови.
Целиот процес е автоматизиран и трае приближно 1,5 минута.
Планирана мрежа од 30.000 станици
CATL најавува изградба на 1.000 станици до крајот на 2025 година, со долгорочна цел од 30.000 станици во Кина. Секоја станица ќе може да изврши до 822 замени дневно и ќе располага со 14 до 30 батерии во резерва.
Возила подготвени за замена
CATL веќе соработува со неколку автомобилски производители – Changan, SAIC, Wuling, GAC и други. Првите компатибилни возила се веќе достапни за купувачите во Кина. Наскоро ќе бидат претставени и нови 10 модели со можност за батериска замена од овие брендови.
Колку чини користењето?
CATL нуди претплатнички модели со месечни пакети:
- За мали возила:
- 52 kWh NMC батерија: 469 јуани или 58 евра месечно (неограничени километри)
- 42 kWh LFP батерија: 369 јуани или 45 евра месечно (до 3000 км)
- За средна класа (A/B):
- 70 kWh NMC батерија: 599 јуани или 74 евра месечно (неограничени километри)
- 56 kWh LFP батерија: 499 јуани или 62 евра месечно (до 3000 км)
Цените се за кинескиот пазар. Од компанијата најавуваат дека сличен модел може да се примени и во други држави во иднина.
Што значи ова за електричната мобилност?
Концептот е неверојатен. За износ од најмногу 74 евра месечно, можете да возите цел месец колку сакате, притоа без да чекате батеријата да се наполни. Едноставно, вашата празна батерија ја заменувате со целосно полна за 100 секунди. Наскоро, станици за замена ќе има буквално на секој чекор во кинеските градови и автопати. Колку и да звучи футуристички, тоа е реалноста во денешна Кина.
