Кинеските технолошки гиганти BYD, CATL и Huawei започнаа нова ера во електричната мобилност, претставувајќи ултрабрзи технологии за полнење кои ветуваат дека ќе ја елиминираат „анксиозноста за домет“ и ќе го приближат искуството на полнење до она на традиционалното точење гориво.
BYD: 400 km за 5 минути со сопствена инфраструктура
Во март 2025, BYD го претстави својот нов систем за полнење кој овозможува додавање на 400 km домет за само 5 минути. Ова е постигнато преку сопствени полначи со моќност од над 1.000 kW. Дополнително, BYD најави изградба на сопствени станици за полнење во Кина и ширум светот, со што ја зацврстува својата вертикална интеграција – од производство на возила и батерии до контрола на инфраструктурата за полнење.
CATL: 520 km за 5 минути и батерии отпорни на студ
CATL, најголемиот светски производител на батерии, не заостанува. На својот „Tech Day“ настан за време на најголемиот светски саем на автомобили во Шангај во април 2025, компанијата ја претстави новата батерија која овозможува полнење на 520 km домет за 5 минути, со моќност од 830 kW. Дополнително, CATL демонстрираше батерија која функционира без проблеми на температури до -10°C, полнејќи од 5% до 80% за само 15 минути.
Huawei: 1.5 MW полначи и 500 km за 5 минути
Huawei ја подигна конкуренцијата со претставување на полнач со моќност од 1.5 MW (1500 kW), кој може да обезбеди 500 km домет за 5 минути. Овој полнач функционира во температурен опсег од -30°C до 60°C, што го прави идеален за различни климатски услови. Huawei планира да инсталира вакви полначи низ Кина до крајот на 2026 година, во соработка со производителите на електрични возила.
Што може да очекуваме во иднина?
Иако претстои доста работа на поставување на ултра брзи полначи и прилагодување на способноста на електричните автомобили да можат целосно да ја искористат оваа огромна моќност, како и да разработат соодветни системи за доволно ладење при полнење, овие достигнувања претставуваат јасен сигнал за иднината:
- Полнењето за неколку минути ќе стане новиот стандард.
- Инфраструктурата за полнење ќе биде клучна за конкурентноста на производителите.
- Новите стандарди за батерии ќе бараат подобрена термална контрола и безбедност.
- Соработка меѓу технолошки и автомобилски компании ќе биде неопходна за интеграција на овие решенија.
Следете не на elektricniavtomobili.mk за најновите новости и анализи од светот на електричната мобилност.
