При разгледување на спецификациите на електричните автомобили, ќе најдете информација за видот на приклучок за полнење. Тоа е во форма на одредена кратенка, која за многумина не значи апсолутно ништо. Но, навистина е важно да знаете каков приклучок поддржува вашиот автомобил, како би можеле да планирате каде може да го полните. Во оваа објава ќе ги разгледаме најчесто користените видови на приклучоци – Type 2, CCS2 и CHAdeMO – нивните карактеристики и застапеност во Македонија, заедно со неколку практични совети и препораки.
Видови на приклучоци за полнење
1. Type 2 – AC приклучок

- Карактеристики: Поддржува монофазно и трофазно полнење со моќност до 22 kW.
- Примена: Стандарден приклучок во Европа, вклучително и Македонија.
- Застапеност: Најшироко распространет приклучок на полначите во Македонија, особено во урбаните средини. Wallbox полначите за монтирање дома, кои се достапни на европскиот пазар, најчесто се со ваков вид на приклучок.
2. CCS2 (Combined Charging System Type 2) – DC приклучок

- Карактеристики: Комбинира AC и DC полнење, овозможувајќи брзо полнење со висока моќност.
- Примена: Стандарден приклучок за брзо полнење во Европа.
- Застапеност: Се користи на брзите полначи долж автопатиштата и во поголемите градови во Македонија.
3. CHAdeMO – DC приклучок

- Карактеристики: Овозможува брзо DC полнење со моќност до 50 kW.
- Примена: Првично развиен во Јапонија, користен од некои модели на Nissan и Mitsubishi.
- Застапеност: Ограничена застапеност во Македонија, присутен само на неколку локации.
Практични информации и совети
- При купување на електричен автомобил, проверете каков кабел за полнење следува со автомобилот. Обично е вклучен основен кабел за приклучување на монофазен штекер, додека кај некои модели на европскиот пазар следува и кабел со Type 2 приклучок.
- Комбинацијата од Type 2 приклучок со домашен wallbox полнач за AC трофазно полнење од 22 kw е најоптимален избор за тие кои имаат можност да полнат дома (во гаража или двор). Прочитајте повеќе за типови на полначи со клик овде.
- Кога користите апликации за пронаоѓање полначи, како што е PlugShare, можете да го проверите типот на приклучок на секој јавен полнач, за да знаете дали е соодветен за вашиот автомобил.
- Голем дел од јавните брзи полначи се со поврзан кабел на самиот полнач со CCS2 приклучок, па треба само да го приклучите во вашиот автомобил. Но, во Европа и Македонија има и полначи каде треба да приклучите ваш кабел, па затоа добро проверете на каков полнач планирате да полните и дали имате соодветен кабел и приклучок.
