Го возевме Lynk & Co 02 More: Скопје – Белград – Скопје со само 250 денари трошок за струја!

Електричната мобилност одамна не е иднина – таа е реалност. Тоа важи дури и за овие наши простори. Денес веќе можеме без проблем да се впуштиме на долги релации, да минеме државни граници, со 100% електричен автомобил.

За да го докажеме ова, направивме тест-драјв од Скопје до Белград и назад со Lynk & Co 02 More – модел кој совршено ги спојува скандинавската елеганција, кинеската инженерска прецизност и реалната практичност што ја бараат возачите на Балканот.

Резултатот? Целото патување помина без ниту денар за струја, освен домашното полнење пред поаѓање на пат. Тоа е благодарение на бесплатната инфраструктура за полнење што сè почесто ја среќаваме по автопатите во Србија.


Lynk & Co 02 More – технологија, дизајн и карактер во едно

Lynk & Co е заеднички проект на Geely и Volvo, што значи дека под оваа модерна и динамична форма стои комбинација од шведскиот инженеринг и кинеската визија за мобилност на иднината.

Моделот 02 More е електричен кросовер кој нуди и спортски перформанси и семејна практичност. Со должина од 4,46 метри, ширина од 1,84 метри и висина од 1,57 метри, автомобилот има пропорции блиски до компактен SUV, но со пониска, купеовска линија и моќен став на патот.

Електромоторот е со моќност од 200 kW (272 коњски сили) и вртежен момент од 323 Nm, а силата ја испорачува кон задните тркала. Ова му овозможува забрзување од 0 до 100 km/h за само 5,5 секунди, што е бројка која ретко се гледа во оваа класа. Максималната брзина е ограничена на 180 km/h, што е повеќе од доволно за комфорно возење по автопат дури и во Германија. 🙂

Батеријата има капацитет од 66 kWh, со просечна автономија до 445 km според WLTP. Малку подолу ќе се осврнеме и на реалниот досег на автопат и во град. Благодарение на поддршката за DC полнење до 150 kW, батеријата од 20% до 80% се полни за помалку од 30 минути.

Она што е навистина импресивно е што Lynk & Co 02 More поддржува и 22 kW AC полнење, што значи дека дури и на обичен јавен или домашен AC полнач – кој повеќето автомобили го користат со 11 kW – ова возило ќе се наполни двојно побрзо. Таквата предност е многу значајна во светот на електричната мобилност.

Во возење, 02 More дава чувство на стабилност и контрола. Одличната суспензија овозможува баланс меѓу комфор и прецизност, а електричното серво управување реагира природно и со добра повратна информација.


Ентериер – премиум чувство во секој детал

Внатрешноста е потсетник дека Lynk & Co е блиску сроден со Volvo. Материјалите се софистицирани, меки на допир, со минималистички, но функционален дизајн. Централно доминира широк екран на допир (од 15 инчи) преку кој се контролира целата инфо-забавна платформа, климатизацијата и возните подесувања.

Возачот има на располагање дигитална инструмент табла, со чиста графика и интуитивен приказ. Покрај тоа, системот нуди OTA (Over-The-Air) ажурирања, безжично полнење за телефон и напредна поврзаност со мобилна апликација.

Седиштата се удобни и добро профилирани, со одлична странична поддршка и премиум текстури. Задниот дел нуди простор и за возрасни патници, а багажниот простор од 410 литри е сосема доволен за патување со семејството или викенд излети. Моделот има и дополнителен мал преден багаж (популарниот frunk).

Во ентериерот може да се забележи и амбиентално осветлување, панорамски кров, високо-квалитетен аудио систем (Harman/Kardon) и вкупен квалитет што остава впечаток на автомобил од премиум сегмент. Уште поголем впечаток остава цената за сето ова што го нуди популарната „двојка“: промотивни 38.490 евра за моделот Lynk & Co 02 More кој го тестиравме. Основниот модел, 02 Core, е со промотивна цена од 34.490 евра.


Безбедност и асистенција на високо ниво

Како и сите модели поврзани со Volvo, Lynk & Co 02 поставува високи стандарди за безбедност. Опремен е со целосен сет на ADAS системи:

  • Автоматско кочење при опасност од судир (AEB),
  • Асистенција за одржување на лента (LKA),
  • Предупредување за сообраќај при излегување наназад (Cross Traffic Alert),
  • 360° камера,
  • Адаптивен темпомат и распознавање на сообраќајни знаци.

Сето ова значи дека и при долги патувања, возачот е потпомогнат со технологии кои го прават возењето посигурно и помирно.


Патување Скопје – Белград: бесплатно, удобно и без грижи

Е сега, следува делот посветен на нашето патување. Тргнавме од Скопје, со батерија наполнета до 80% дома, за што беа потрошени само околу 250 денари на евтина ноќна струја. На излезот од Скопје бевме во 12:20 часот.

После гужвите на граница, дојде време да се тестира напредниот адаптивен темпомат на автопатот во Србија. Продолживме кон север со брзина од 110 км/ч. Адаптивниот темпомат функционираше совршено со поддршката за асистенција на автопат. Целосно се прилагодува на брзината на возилата пред нас и го одржува управувањето во средина на лентата. Буквално, воланот служи како држач за раце – нема потреба од никаква човечка интервенција освен при претекнување. 🙂

Најубавиот дел? Целото патување – без трошок за струја.

По должината на автопатот, веќе постои функционална мрежа од бесплатни полначи на јавното претпријатије Патишта на Србија (Путеви Србије). Toaja прави оваа релација целосно погодна за електрични возила.

Одма после границата, поставен е DC полнач од 40 kw на наплатната рампа за патарина Прешево. Полначот е одма на десната страна на автопатот после патарината. На линкот имате точна локација од Google Maps. Немавме потреба да полниме бидејќи е многу блиску до нашата стартна точка, но вреди да се спомене како опција. Иако, слушнавме од други возачи дека не е баш најсигурен и знае да биде проблематичен, односно да не работи, па немојте да се потпирате само врз него при планирање.

Друг бесплатен полнач од 22 kw, кој претходно го тестиравме, е поставен на паркингот од мотелот Предејане. Не го користевме овој пат, но е убава комбинација со гастрономската понуда на легендарниот мотел за оние кои сакаат да направат поголема пауза на пат. Еве точна локација.

Чичевац – бесплатен брз полнач

Полначот кој што ние го користевме се наоѓа на наплатната рампа за патарина Чичевац. За да се стигне до полначот, се исклучивме од автопатот и возевме отприлика 3 километри во еден правец. Значи, за поминати 6 екстра километри, добивате брзо и бесплатно полнење. Од Скопје до Чичевац има околу 265 км, додека пак, од Чичевац до Белград има околу 170 км. Еве и точна локација на Google Maps.

Полначот во Чичевац е стабилен и брз. Иако номинално е деклариран како DC полнач од 60 kw, сепак Lynk & Co 02 More полнеше со максимум моќност од 80 kw. Кога стигнавме на полначот, имавме околу 25% досег, па за помалку од 30 минути дополнивме до 85%. Сосема доволно за мирно да го продолжиме патувањето кон Белград.

Веќе уверени во реалноста на прикажаниот досег, патувањето го продолживме со тест на перформансите. Електромоторот дава рамномерно и истовремено експлозивно забрзување, па со Lynk & Co 02 бевме неприкосновени на патот. 🙂 Од Чичевац до Белград возевме во просек 130 км/ч. Вистинско уживање.

Импресионира изолацијата на кабината и аеродинамичноста на моментот. Возењето беше тивко, удобно и сигурно – суспензијата ги апсорбира нерамнините на патот, а системите за поддршка во возењето ја отстрануваат напнатоста од долги релации. Подолу ќе прочитате и за потрошувачката и досегот при оваа брзина, од што бевме пријатно изненадени.

Најбрзиот бесплатен полнач е на влез на Белград

За автомобили кои имаат помал досег, на самата наплатна рампа за патарина на влез на Белград поставен е уште еден бесплатен полнач од ЈП Патишта на Србија. Ние немавме потреба да го користиме бидејќи имавме преостанат досег нешто под 40% при пристигнувањето во Белград. Сепак, овој брз DC полнач вреди да се спомене бидејќи е со номинална моќност од 120 kw и има одлични рецензии од корисниците. Еве точна локација.

На патарината пред Белград пристигнавме во 17:45. Тоа значи дека сме стигнале за 5 часа и 25 минути без брзање, со чекање на граница и со една попатна кафе пауза на бензинска станица.

Нашиот престој во Белград

Бројот на електрични автомобили во Белград и општо во Србија е во постојан пораст. Но, за разлика од кај нас, таму владата нуди субвенции до 5.000 евра за набавка на нов електричен автомобил. Покрај тоа, српската престолнина веќе има и доста солидна мрежа на полначи.

Нашиот престој го искористивме за посета на настанот „Галерија на автомобили“, кој се одржуваше во трговскиот центар Галерија. Низ коридорите на трговскиот центар беа изложени автомобили од голем број производители. Особено радуваше средбата со Lynk & Co 02, кој беше еден од најатрактивните изложени модели. Покрај него, имаше и голем број други електрични модели, за што ќе подготвиме и посебна репортажа.

Во рамки на „Белград на вода“, на некој начин вклучен е и концептот „Белград на струја“. На паркингот на „Галерија“ во новата елитна населба „Белград на вода“, поставени се шест бесплатни полначи од 22 kw. Еве точна локација.

За време на нашата прошетка низ трговскиот центар, Lynk & Co 02 more се наполни до 85% за 1 час и 45 минути на еден од овие бесплатни полначи. Тоа е овозможено поради способноста на моделот да се полни со 22 kw. Оваа ретка опција ја имате само кај луксузни и спортски модели и кај Lynk & Co 02 more. No more. Толку. Тоа доволно говори што сака брендот да постигне и каде го позиционира моделот.

Интересно е што сите 6 полначи беа зафатени, па имавме среќа што отидовме малку порано, одма после отворањето на трговскиот центар во 10 часот. Колку за информација, бесплатен полнач е поставен и во трговскиот центар „Ушче“, за тие кои преферираат своето време да го поминат таму. Еве точна локација.

Инспиративна беше нашата посета на Белград во поглед на електрификацијата на Балканот. Секако, посетата беше инспиративна и во поглед на кафанскиот живот во Белград, но да го оставиме тоа за некоја друга прилика. Само ќе споменеме дека автомобилот беше паркиран безбедно и сигурно. 🙂

Враќање од Белград до Скопје: ист (бесплатен) принцип

Нашето поаѓање започна со 85% капацитет на батерија кој го дополнивме во „Галерија“. 170 км подоцна, бевме повторно на полначот на наплатната рампа Чичевац, при што дополнивме до 85% за 20 минути. Тоа беше доволно за да стигнеме до Скопје.

На враќање застанавме во близина на Ниш, бидејќи на самиот автопат кај одморалиштето Наис има брз полнач од ЈП Патишта на Србија. За овој полнач читавме дека ретко кога работи, па таков беше случајот и овој пат. Се додека не добиете информација дека е вратен во функција, избегнувајте го при вашето планирање.

Застанавме и на бензинската станица Макпетрол во Куманово само за да провериме дали брзиот полнач на ЕВН функционира. При нашето претходно патување, овој полнач не беше во функција, но сега беше исправен и функционален.

Ете така заврши нашето патување со поминати скоро 900 км со 250 денари трошок за „гориво“. На веб-сајтот на ЈП Патишта на Србија има најава дека ќе се разгледаат можностите како полначите да се наплаќаат, но сега за сега се потполно бесплатни. Се што треба е да ја имате инсталирано апликацијата Orion eMobility на вашиот телефон, па со едноставно креирање на кориснички профил и скенирање на QR код на самиот полнач, полнењето се активира. Лесно и едноставно.

За досегот на Lynk & Co 02 more

Како што споменавме, според WLTP тестот, Lynk & Co 02 more нуди просечен досег од 445 км со батерија со капацитет од 66 kwh. Измерената потрошувачка од нашата страна при различни брзини е следна:

  • При брзина од 110 км/ч, просечната потрошувачка изнесуваше околу 15 kwh/100 км, односно досег од нешто над 420 км.
  • При брзина од 130 км/ч, просечната потрошувачка изнесуваше околу 19 kwh/100 км, односно досег од околу 350 км.
  • При градско возење до 50 км/ч, просечната потрошувачка изнесуваше околу 12 kwh/100 км, односно досег од преку 540 км.

Нашиот тест докажа дека прикажаниот просечен досег од 445 км е многу блиску до реалните бројки. Секако, потрошувачката зависи најмногу од начинот на возење, но овој автомобил ќе ве одведе на подолги дестинации и со брзина блиску до максимално дозволената на нашите патишта. Проверено и потврдено.

Со мрежата на полначи во Србија, патувањето од Скопје до Белград и назад не е само лесно, туку и економски неодоливо.


Заклучок: Е-мобилноста е веќе тука

Овој тест-драјв го покажа тоа што многумина сè уште го доведуваат во прашање – електричните автомобили веќе се практични и изводливи дури и за долги патувања низ регионот.

Со одличен дизајн, брзо полнење, реална автономија и комфор на високо ниво, Lynk & Co 02 More ја демонстрира зрелоста на новата генерација на електрични возила.

А кога ќе додадеме дека целото патување – од Скопје до Белград и назад – беше направено со само 250 денари за полнење дома и без дополнителен трошок по пат, станува јасно дека иднината на мобилноста е веќе тука.

Бонус: Го посетивме музејот на Никола Тесла во Белград

Како фанови на електрификацијата во превозот, одвоивме време за да го посетиме музејот на Никола Тесла во Белград. Човекот од кого започна сѐ. Идеите кои што Тесла ги промовирал пред повеќе од еден век се и пред денешното време. Неговото име е толку значајно, што еден луд Американец лансираше и бренд на електрични автомобили со тоа име… 🙂

Повеќе информации за моделот ќе најдете на официјалниот веб-сајт на Lynk & Co на овој линк.