Електричен такси превоз: какво би било влијанието врз животната средина во Македонија?

Според последните достапни податоци на Државниот завод за статистика, во 2023 година, превезени се 14.341.000 патници со такси превоз во Македонија, од кои:

  • 12.749.000 патници во градскиот превоз; и
  • 1.592.000 патници во меѓуградскиот превоз.

Со 1.556 такси возила се изминати вкупно 55.793.000 километри, од кои:

  • 47.487.000 km во градскиот превоз; и
  • 8.306.000 km во меѓуградскиот превоз.

Што значи тоа за емисиите на CO₂?

Во Македонија во 2023 година, сите овие километри беа покриени од конвенционални возила со внатрешно согорување (бензин/дизел), можеби со (ептен) мал исклучок на неколку електрични такси автомобили. Со просечна емисија од 150 g CO₂ по изминат километар, во 2023 година се емитувале околу 8.369 тони CO₂ (јаглерод диоксид).


А што ако сите тие биле електрични?

Електричните возила не испуштаат CO₂ при работа – нема издувни гасови, нема локално загадување. Ако сите такси возила биле електрични, тогаш вкупните директни емисии на CO₂ ќе беа сведени на нула.

Ако би се поминеле истите 55.793.000 km во 2023 година на струја, би биле потребни околу 10 042 740 kWh (или приближно 10 GWh) електрична енергија за цела година. Тоа значи дека електрификацијата на целиот такси-превоз во 2023 година би користела помалку од 0.2% од целокупното годишно производство на електрична енергија во земјава (прочитајте подетална анализа за тоа дали имаме капацитет да произведеме струја за електрични автомобили тука).

Дополнително, тоа би значело и:

  • Помал шум во урбаните средини;
  • Подобрување на квалитетот на воздух;
  • Помал ризик за дишењето и општото здравје на граѓаните.

Примери од светот: каде веќе функционираат 100% електрични такси служби?

Осло, Норвешка

  • Сите такси во градот се електрични (обврска која беше воведена и исполнета до крајот на 2024 година).
  • Такси возачите имаат пристап до неколку бесплатни брзи полначи, што значи директна субвенција од градот/државата.

Амстердам, Холандија

  • Такси-компанијата Taxi Electric работи 100% со електрични возила уште од 2011 година, а најголем процент од останатите такси компании се веќе целосно електрифицирани или се во процес на преминување кон електрични такси автомобили.
  • Возачите добиваат олеснувања за паркирање и пристап во централната зона.

Шенжен, Кина

  • Над 22.000 такси возила се електрични.
  • Целосно електрифициран такси возен парк уште од 2019 година.

Време е за електрификација на такси превозот и кај нас!

Преминот кон електрични такси-возила не е само глобален тренд – тоа е логичен и потребен чекор кон почист воздух, помал шум и поздрава животна средина. За поздравување се одредени компании кои започнаа со електрификација на својата такси флота во Скопје, но сè уште сме далеку од постигнување позначително позитивно влијание врз животната средина на национално ниво преку такси сегментот. Дополнително, предностите кои ги дава електрификацијата во однос на трошоците за “гориво“ и одржување се клучен фактор кој се надеваме ќе мотивира доста такси компании да ги усвојат електричните автомобили.