Анализа: што ако сите автомобили се електрични? Дали Македонија “држи“ струја?

Во Македонија во 2023 година имало регистрирано 552 934 патнички автомобили (според Државниот завод за статистика, како последен достапен податок). Во едно имагинарно сценарио, ако сите тие автомобили одеднаш станат електрични, какви би биле ефектите врз потрошувачката на струја и загадувањето?

Во разговори често слушаме дека Македонија нема инфраструктура, нема капацитет, дека и мало зголемување на бројот на електрични автомобили ќе го сруши системот на снабдување, ќе имаме рестрикции на струја итн. Но, сето тоа секогаш биле разговори, а никогаш конкретни бројки. Затоа, направивме вкупна пресметка врз објективни просеци од податоци за потрошувачка на електрична енергија, како и за тоа колку би се намалило загадувањето.

Потрошувачка на електрична енергија

Стандардно, просечен електричен автомобил троши околу 15 kWh на 100 километри.

Европскиот просек на поминати километри на годишно ниво е 12.000 км. Ако ги земеме овие два податоци, доаѓаме до следните бројки:

  • Потрошувачка по возило: (12.000 km ÷ 100) × 15 KWh = 1.800 kWh годишно
  • Вкупна потрошувачка за сите автомобили: 552.934 × 1.800 KWh = 995.281.200 KWh, односно 995 GWh годишно

Удел од вкупната државна потрошувачка

Македонија во 2023 година потрошила околу 8.400 GWh електрична енергија (извор: Државен завод за статистика). Тоа значи дека ако ги додадеме 995 GWh годишно за електричните автомобили, доаѓаме до следната математика:

  • (995 ÷ 8.400) × 100 = околу 11,8% повеќе потрошувачка на струја.

Вкупната потрошувачка на Македонија би била некаде околу 9.395 GWh годишно.

Намалување на емисиите на CO₂

Ајде да пресметаме внимателно какво би било намалувањето на емисиите на CO₂, земајќи предвид дека најголем дел од автомобилите се со дизелски мотор, а просечната старост е неверојатни 19 години. Тековно, автомобилите со погон на внатрешно согорување емитуваат приближно 2.700 кг CO₂ годишно (за просечни изминати 12.000 км, со просечна потрошувачка од 7 литри на 100 км). Математиката е следнава:

  • 552.934 возила × 2.700 кг = 1.493.000.000 кг CO₂, односно околу 1.49 милиони тони CO₂ годишно.

Какво е вкупното загадување со CO₂ во Македонија?

Според податоци на Министерството за животна средина, Македонија во последните години емитира околу 8,4 милиони тони CO₂ годишно (индустрија, енергетика, транспорт, домаќинства итн.). Ајде да го пресметаме намалувањето во проценти:

  • Намалување: (1.493.000 ÷ 8.400.000) × 100 = околу 17,7% помало вкупно загадување со CO₂.

Заклучок

За сите автомобили да бидат електрични, Македонија ќе треба да произведе или обезбеди околу 11,8% повеќе електрична енергија. Хмм, дали уште ви звучи толку недостижно и катаклизмичко нашето имагинарно сценарио? Колку за илустрација, учеството на обновливите извори во финалната потрошувачка на енергија во 2023 година е околу 18.4%, што значи со постојаното зголемување на капацитетите за производство на електрична енергија од обновливи извори (сонце, ветер итн), потребните дополнителни 11.8% сме во можност да ги произведиме сами како чиста, зелена енергија.

Уште многу побитно од ова, вкупното загадување со CO₂ би се намалило за околу 17.7%, што е огромен придонес за почиста и поздрава животна средина – а тоа е врвен приоритет за секој еден кој решил да остане да живее на ова парче земја. Преоѓањето кон електрична мобилност не е само прашање на технологија, туку и на инвестиција во иднината на нашето здравје и животна средина.