Многумина го сметаат водородот за гориво на иднината – брзо полнење, голем дострел и без издувни гасови. Но, ајде да ги разгледаме клучните карактеристики. Колку и да изгледа привлечно оваа технологија, возилата на водород за жал не се толку чисти и еколошки како што често се прикажуваат. Во споредба со електричните возила на батерии, тие загадуваат повеќе и се значително поскапи за користење.
Како работат возилата на водород?
Овие возила користат посебна технологија каде што водородот се претвора во електрична енергија преку уред наречен „горивна ќелија“. Таа енергија го напојува електричниот мотор, а единствената емисија е водена пареа. Звучи одлично на хартија, но главниот проблем е како се добива водородот.
Производство на водород – скапо и загадувачко
Најголемиот дел од водородот денес се добива со користење на природен гас – што значи дека при тоа производство се ослободува многу јаглерод диоксид (CO₂). Постои и начин да се произведе водород со електрична енергија од обновливи извори, но тој процес е многу поскап и ретко се користи. Поточно, само 0.4% од светското производство на водород е засновано на обновливи извори.
Производството, складирањето и транспортот на водород бара многу енергија. Кога ќе се пресмета целата потрошувачка, излегува дека возење автомобил на водород троши 2 до 3 пати повеќе енергија од возење обичен електричен автомобил.
Повеќе загадување отколку кај електричните автомобили
Истражување од 2024 година на Меѓународниот совет за чист транспорт покажа дека автомобилите на водород испуштаат повеќе CO₂ во текот на целиот животен век (од производство до користење), отколку модерните електрични возила. На пример, водородната Toyota Mirai испушта околу 122 грама CO₂ по километар, додека еден електричен автомобил како Tesla Model Y испушта околу 45 грама, пресметано со вклучени сите фази. Износот на емисии кај водородните возила, барем денес, (повторно ќе кажеме за жал) е на ниво на бензинците.
Високи трошоци и слаба достапност на водород
Возилата на водород се скапи – и самите автомобили и самото „полнење“. Еден килограм водород чини меѓу 10 и 15 евра, а просечно возило троши околу 1 килограм на 100 километри. Тоа е поскапо дури и од бензин. Освен тоа, станици за полнење речиси и да нема, дури и во развиени земји. Секако, во Македонија не постои ниту една.
Заклучок: Електричните возила се поодржлива опција
Иако водородот може да има своја улога во иднина – особено кај тешките возила и индустријата – за обичните патнички автомобили тој сè уште не е практично и еколошко решение. Иако би сакале да видиме развој и на оваа еколошка алтернатива, сепак сме далеку од нивна масовна употреба. На денешницата, електричните автомобили на батерии се далеку поевтини, полесни за полнење и многу почисти за животната средина.
