Електричните автомобили изгледаат слично на класичните автомобили, но нивната внатрешност крие сосема поинаков свет. Наместо мотор со внатрешно согорување, менувач со повеќе брзини и резервоар со гориво, тие користат електрични компоненти кои претставуваат потивко, поефикасно и значително поеколошко решение.
Во продолжение ги објаснуваме клучните делови на еден електричен автомобил, нивната функција и зошто се важни за целокупното возачко искуство.
Електромотор – срцето на електричните автомобили
Најважниот дел од секој електричен автомобил е електромоторот. Тој е одговорен за директното движење на возилото и претставува значително поефикасна алтернатива на класичниот бензински или дизел мотор.
Како функционира?
Електромоторот ја претвора електричната енергија во механичка. Работи тивко, без издувни гасови и со инстантен вртежен момент – што значи брзо забрзување без потреба од менување брзини.
Ефикасност:
Додека моторите со внатрешно согорување имаат ефикасност од 20–30%, електромоторите достигнуваат дури до 90% ефикасност, што значи повеќе енергија се претвора во реално движење.
Овде прочитајте подетално за типови и карактеристики на електромоторите.
Батерија – енергетскиот резервоар
Батериите ја складираат енергијата потребна за возење и се полнат со струја, слично како мобилен телефон. Постојат различни видови батерии, но најкористени се литиум-јонските батерии како LFP (литиум-железо-фосфат) и Li-NMC (литиум никел-кобалт-манган). Овде прочитајте повеќе за типови на батерии за електрични автомобили.
Капацитет:
Се мери во киловат-часови (kWh) – колку е поголем капацитетот, толку поголема е автономијата на возилото. На пример, батерија од 50 kWh овозможува просечно 300-350 км автономија.
Безбедност:
Современите батерии се опремени со системи за управување (Battery Management System – BMS) кои контролираат температура, напон и полнење, со цел да се спречи прегревање или други ризици. Дополнително, батериите се сместени во цврсти кутии, обично во подот на возилото, што придонесува и за стабилноста на автомобилот.
Овде прочитајте повеќе за системи за ладење на батериите, односно термичка регулација.
Дополнителен акумулатор (12V):
Покрај главната погонска батерија, секој електричен автомобил има и стандардна 12-волтна батерија, слична на онаа кај класичните возила. Таа се користи за напојување на секундарните системи како што се светлата, централната брава, компјутерите и инфозабавниот систем. Иако возилото е „електрично“, оваа помошна батерија е клучна за стартување на системите – и ако таа се испразни, автомобилот може да не се вклучи, иако главната батерија е полна.
Инвертер и контролер – невидливиот мозок на електричните автомобили
Инвертерот ја претвора еднонасочната струја (DC) од батеријата во наизменична (AC) за моторот (во AC мотори), додека контролерот управува со брзината и моќноста на моторот, во зависност од командите на возачот.
Овие системи се клучни за ефикасноста и прецизноста на возењето.
Пренос – едноставно решение
За разлика од класичните автомобили кои често користат повеќестепен менувач или автоматски менувач со сложен систем на пренос, електричните имаат едноставен едностепен пренос. Оваа едноставност е возможна благодарение на широкиот опсег на вртежен момент што го дава електромоторот.
Предности:
- Без менување брзини
- Помалку компоненти што се расипуваат
- Поедноставено и помалку скапо одржување
Регенеративно сопирање – враќање на енергијата
Една од иновативните технологии кај електричните автомобили е регенеративното сопирање. При кочење, моторот работи во обратен режим – како генератор, претворајќи дел од кинетичката енергија назад во електрична, која повторно се складира во батеријата.
Ова не само што ја зголемува автономијата, туку и го намалува абењето на сопирачките. Овде прочитајте повеќе за регенеративно кочење.
Централен компјутер и софтвер кај електричните автомобили
Електричните автомобили се во суштина компјутери на тркала. Централниот компјутер управува со сите системи – од енергијата, до климатизацијата, навигацијата и помошта при возење. Со постојани софтверски надградби, многу од нив можат да добијат нови функции дури и по купувањето.
Заклучок
Електричните автомобили се поедноставни по конструкција, но значително пософистицирани по технологија. Компонентите како електромоторот, батеријата, и регенеративното сопирање претставуваат суштински промени во однос на класичните возила. Токму затоа, електричнит еавтомобили нудат поеколошко, поекономично и покомфорно возење.
Доколку сакате повеќе содржини за технологијата зад електричните возила, следете нè на elektricniavtomobili.mk – информирај се, придвижи се чисто.