Батеријата е еден од најважните елементи кај електричните автомобили. Таа ја определува автономијата, брзината на полнење, тежината на автомобилот и неговиот вкупен животен век. На пазарот денес постојат неколку технологии, а технолошкиот развој е постојано во подем. Во продолжение, Ви ги претставуваме најважните два видови на денешницата: литиум-јонски (Li-ion) и литиум-железо-фосфатни батерии (LiFePO₄ или LFP), а ќе се осврнеме и на иднината со преглед на батериите во цврста состојба (Solid-State batteries).
Литиум-јонска батерија (Li-ion)
Литиум-јонските батерии се најшироко користените кај електричните автомобили од почетокот на електричниот подем па сè до пред неколку години. Тие нудат висока енергетска густина, што значи поголем досег со едно полнење. Имаат брзо време на полнење и се лесни и компактни, што ги прави идеални за различни типови на возила.
Сепак, нивниот животен век е пократок (околу 1500–2000 циклуси), и бараат прецизна термичка контрола, бидејќи се чувствителни на прегревање. Покрај тоа, цената е повисока, но технологијата е стабилна и широко достапна на пазарот.
Литиум-железо-фосфатна батерија (LiFePO₄ или LFP)
Оваа технологија станува сè попопуларна поради неколку важни предности: многу висока безбедност, долг животен век (над 3000 циклуси) и поекономична цена. Батериите се отпорни на прегревање и пожари, што ги прави особено сигурни за секојдневна употреба.
Од друга страна, имаат пониска енергетска густина, што значи нешто пократок досег. Исто така се потешки и поголеми, што може да влијае на дизајнот и ефикасноста на возилото. Сепак, нивната достапност расте, а најголемите светски производители (BYD и Тесла) веќе ги користат овие батерии во нивните електрични автомобили.
Батерии во цврста состојба (solid-state batteries)
Батериите во цврста состојба се нова генерација која ветува револуција во електричниот транспорт. Тие користат цврст електролит наместо течен, што овозможува многу повисока енергетска густина, највисоко ниво на безбедност, и многу брзо полнење.
Овие батерии се многу компактни и потенцијално полесни, а животниот век може да надмине 5000 циклуси. Но, цената е сè уште многу висока, и моментално се во рана фаза на развој, со ограничена достапност на пазарот. Но, тоа е технологијата во развој која ветува најмногу за иднината на електричните автомобили.
Кој тип батерија е најдобар?
Јасно е дека секој посакува најголем досег и перформанси, за што литиум-јонската батерија се покажа како најдобар избор. Сепак, кога е безбедноста и долгорочноста во прашање, тука нема компромис, а Li-ion батериите ја загубија борбата на ова поле. Станува јасно дека литиум-железо-фосфатните батерии (LFP) се најдобра опција во моментот, поради нивниот долг животен век и термичка стабилност со минимален ризик од било какви надворешни влијанија. А ако гледате кон иднината и сакате врвна технологија – почекајте ги батериите во цврста состојба за кои се очекува да доминираат на пазарот во блиска иднина.
Следете нè на elektricniavtomobili.mk за повеќе информации и практични водичи во светот на електромобилноста.
