Во рамките на нашиот тест-драјв со Lynk & Co 02 More, ја посетивме изложбата „Галерија на автомобили 2025“ во Белград. Ова е еден од најголемите автомобилски настани оваа есен. Се одржува од 16 до 26 октомври во шопинг центарот Галерија, во срцето на модерниот „Белград на вода“.

Спектакл на четири тркала во Галерија
Настанот ги собра најновите и најлуксузни модели од повеќе од дваесет водечки автомобилски брендови, меѓу кои Mercedes, BMW, Lynk & Co, Geely, Fiat, Peugeot, Kia, Toyota, BYD, Renault, Hyundai, MG, Maserati, Ford, Opel, Mazda, Changan, Chery, Skoda и други.

Изложбата опфати повеќе од 70 автомобили, меѓу кои околу 30% беа целосно електрични модели. Ова ја потврдува сè поголемата застапеност на електромобилноста во автомобилскиот свет.

Електричните модели во центарот на вниманието
Електричните возила беа едни од најпосетуваните и најфотографираните делови на изложбата. Модерниот дизајн, новите технологии на батерии и брзото полнење го привлекоа вниманието на посетителите кои сè повеќе се интересираат за одржлива мобилност.

Особено се истакнаа моделите од BYD, MG, Lynk & Co и Geely, кои ја прикажаа најновата генерација на EV технологии и решенија за урбано возење.

Субвенциите како поттик за електричната иднина
Во Србија интересот за електричните возила е во пораст, особено благодарение на државните субвенции од 5.000 евра по возило. Се докажува дека субвенциите значително ја олеснуваат одлуката за премин кон електрична мобилност. Оваа поддршка веќе резултира со поголем број нови регистрации. Секако, ефектот се отсликува и врз зголеменото присуство на ЕВ модели во понудата на сите големи брендови на пазарот.

Галерија и Белград како центри на новата мобилност
Со вакви настани, Белград сè повеќе се позиционира како регионален центар на современата автомобилска култура, каде електричните возила стануваат рамноправен дел од сцената. Во уредниот урбан амбиент на Галерија, автомобилите беа претставени во стил на авто уметничка галерија. Секој бренд ја претстави својата визија за иднината на возењето.

А како што претставивме и во репортажата од нашиот тест-драјв на Lynk & Co 02, на паркингот на Галерија се поставени 6 бесплатни полначи за електрични автомобили. Тоа само го дополнува генералниот впечаток дека електрификацијата се усвојува со забрзано темпо кај нашиот северен сосед.

