Терминот buffer најчесто се преведува како резервен капацитет или резервна батериска зона. Тоа е дел од вкупната енергија на батеријата кој производителите намерно го изолираат и не го прикажуваат како достапен за возење. Овој дел служи како заштитен појас кој ја штити батеријата од длабоко празнење и прекумерно полнење, два процеси што значително го забрзуваат стареењето.
Во пракса, батерија со номинални 60 kWh може да има реални 63 или 64 kWh. Разликата е резервниот капацитет што корисникот не го гледа во секојдневната употреба.
Дали и кога се активира овој резервен капацитет при пад на капацитетот на батеријата?
Системот за управување со батеријата има можност со текот на годините да го прошири достапниот капацитет на батеријата и да вклучи дел од претходно недостапната резерва. Ова се прави кога здравјето на батеријата почнува да паѓа, со цел да се задржи сличен домет и да се забави видливото стареење.
Оваа технологија е реална, функционална и присутна кај голем број современи електрични модели, иако производителите ретко ја истакнуваат јавно.
Како функционира активирањето на резервниот капацитет?
Во текот на експлоатацијата, батеријата природно губи дел од својот капацитет поради хемиски промени во ќелиите. Кога системот забележува дека падот е значителен, но сè уште во рамки на дозволеното, тој може да ја прошири работната зона и да овозможи да се користи мал дел од наместо скриениот капацитет.
На овој начин, возачот продолжува да добива сличен реален домет и покрај тоа што батеријата веќе има неколку проценти деградација.
Колку изнесува резервниот капацитет и колку „враќа“?
Обемот на резервниот капацитет варира зависно од типот на батеријата, производителот и моделот. Кај повеќето електрични возила резервата се движи од неколку проценти, најчесто меѓу три и десет проценти од вкупниот капацитет. Кај поголемите и премиум батерии резервата може да биде и повисока.
Во реална употреба, активирањето на оваа резерва може да го „врати“ од еден до неколку киловатчасови употреблив капацитет. Тоа значи дека возилото може да ја задржи сличната автономија уште неколку години и покрај измереното намалување на здравјето на батеријата.
Зошто производителите користат скриена резервна зона?
Резервниот капацитет е инженерска мерка што служи за заштита на батеријата во најкритичните делови од нејзината работа. Целта е да се спречи влегување во опсег каде што хемиските реакции најмногу ја оштетуваат батеријата. Со ова се добива подолг животен век, поголема стабилност и предвидливост, а воедно и подобро почитување на гаранциските услови од страна на производителите.
Од перспектива на возачот, тоа значи постојано стабилен домет, без нагли падови во првите години на користење.
Што треба да знаат возачите за резервниот капацитет?
Резервната батериска зона е автоматска заштита што работи во позадина. Возачот не може да ја контролира, ниту треба да смета на неа како трајно решение за деградација. Таа не може целосно да ја надомести загубената енергија, но може да го забави видливиот дијагностички пад.
Најдобрата стратегија за одржување на здравјето на батеријата останува правилното секојдневно користење: умерено полнење, избегнување екстремни температури и рационално DC полнење.
