Со најавите за воведување на новиот EES (Entry/Exit System) на границите на Европската Унија, се очекува дополнително продолжување на процедурите и гужви при влез и излез, особено на фреквентните премини кон Грција. За македонските возачи ова значи едно многу реално сценарио: подолги колони, повеќе мирување и повеќе време поминато со вклучено возило.
Во вакви услови, често се поставува прашањето – што се случува со трошокот додека автомобилот стои во место?
Електричен автомобил во колона: тивко, стабилно и ефикасно трошење
Електричните возила не трошат гориво, но тоа не значи дека не трошат ништо. Кога ЕВ стои во место со вклучена клима, системи и електроника, батеријата постепено се празни.
Во реални услови на гранично чекање, со вклучен клима уред:
- просечната потрошувачка е околу 1.2 kWh на час;
- тоа претставува приближно 2% од батеријата на час кај стандардно семејно ЕВ.
Секако, потрошувачката зависи од конкретниот модел, но ова е приказ на просечна вредност.
Ако го претвориме ова во пари, со просечна цена на струја за полнење во домаќинство од околу 5 денари по kWh, добиваме многу јасна слика:
- еден час чекање чини приближно 6 денари;
- три часа чекање се движат околу 18 денари.
Доколку, пак, се користи јавен брз полнач, цената за еден час чекање би била околу 34 денари.
Возило со внатрешно согорување: чекањето скапо гори
Кај бензин и дизел возилата ситуацијата е сосема поинаква. Моторот мора да работи за да обезбеди клима, електроника и стабилност на системите, што значи континуирано согорување гориво дури и кога автомобилот не се движи.
Во просечни услови на чекање:
- потрошувачката е околу 1 литар гориво на час, но, во гужва со клима уред, ова може да оди и повисоко, односно околу 1.3 литри на час.
Ако земеме просечна цена на гориво од околу 85 денари по литар, трошокот изгледа вака:
- еден час чекање чини околу 110 денари;
- три часа чекање се се движи околу 330 денари.
И тука не станува збор само за пари – туку и за емисии кои континуирано се испуштаат додека автомобилот стои во место.
Што значи ова во реални гранични ситуации со огромни гужви?
Со воведувањето на новиот EES систем, кој вклучува дополнителна дигитална обработка и проверка на патници, се очекува:
- подолго задржување на возилата;
- повеќе застанувања и стартувања;
- зголемена фреквенција на чекање во летните периоди.
Во таков контекст, разликата помеѓу електричните и класичните возила станува уште поизразена – не само во движење, туку и во мирување.
Скриениот трошок на „непоместувањето“
Интересно е што многу возачи не го пресметуваат чекањето како реален трошок. Но:
- кај ЕВ, тоа е симболичен електричен трошок кој речиси не се чувствува;
- кај возилата со внатрешно согорување, тоа е директно согорување гориво без поминат километар.
Со други зборови, стоењето во колона во Грција или на било кој граничен премин станува „тивок трошок“ кој најмногу го чувствуваат класичните автомобили. ЕВ нудат неверојатни 18 пати помал трошок, или при три часа чекање, просечна заштеда од околу 312 денари.
Заклучок: чекањето повеќе не е неутрално
Долгите гужви на граница веќе не се само прашање на време, туку и на ефикасност.
Во сценарија со нови гранични системи и зголемени чекања:
- електричните возила имаат значително понизок оперативен трошок при мирување;
- возилата со внатрешно согорување продолжуваат да трошат гориво и пари без прекин.
И токму во вакви „невидливи“ ситуации се гледа една од најпрактичните разлики помеѓу двата типа возила.
