Какво влијание би имале најавените државни субвенции за 200 електрични такси возила?

Министерството за животна средина и просторно планирање најави нова мерка со која ќе се субвенционира набавка на 200 електрични такси возила. Со оваа иницијатива, државата испраќа сигнал дека електрификацијата на транспортот е приоритет, особено во урбаните средини каде такси возилата имаат значаен удел во вкупниот сообраќај.

Колкаво е намалувањето на емисиите од такси превозот?

Според проценките, воведувањето на 200 електрични такси возила ќе резултира со значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Конкретните бројки е тешко да се потврдат со апсолутна прецизност бидејќи зависат од годишната километража и начинот на користење на возилата. Сепак, јасно е дека таксистите кои секојдневно минуваат илјадници километри ќе направат огромна разлика во однос на приватните автомобили кои се користат поретко.

Според Министерството, замената на старите такси возила на дизел, бензин и плин ќе резултира со намалување од над 2.700 тони CO₂ годишно. Во Македонија има над 1500 такси возила, што значи дека со субвенциите би се заменил околу 10-15% од возниот такси парк.

Овде прочитајте ја нашата подетална анализа за тоа какво влијание би имала целосната електрификација на такси превозот врз животната средина, која е објавена на 22 мај 2025 година.

Ефектите врз автосалоните од субвенции за такси возила

Оваа мерка носи и економска димензија. Автосалоните во Македонија кои увезуваат и продаваат електрични возила добиваат директен поттик:

  • Се отвора нов пазар за електрични модели специјално прилагодени за такси-услуги.
  • Поголемата побарувачка ќе ја забрза и понудата на нови брендови и модели.
  • Можност за сервисна и постпродажна поддршка што ќе значи дополнителни приходи и развој на специјализирани сервиси.

Промоција на електрификацијата

Едни од најважните придобивки се психолошкиот и промотивниот момент. Кога граѓаните ќе почнат редовно да користат такси возила кои се електрични, тие директно ќе го доживеат возењето без бучава и без издувни гасови. Ова е најдобрата реклама за електромобилноста – искуство од прва рака кое може да ги убеди скептиците дека иднината е електрична.

Потребата од проширување на мерките

Сепак, ограничувањето на мерката само на такси секторот е клучниот предизвик за суштинска електрификација. За вистинска енергична транзиција кон електрични возила, потребни се пошироки субвенции. Тоа веќе го прават земјите од регионот и Европа. Таму државите нудат директни финансиски олеснувања за граѓаните, попусти при регистрација, бесплатни паркинзи или даночни ослободувања.

Овде прочитајте ја нашата анализа за субвенциите во другите држави од регионот и Европа.

Ваквите мерки имаат двоен ефект: ја поттикнуваат побарувачката и истовремено создаваат позитивен притисок врз понудата, со што автосалоните и производителите се мотивираат да донесат повеќе електрични модели на пазарот.

Заклучок

Субвенционирањето на 200 електрични такси возила е значаен чекор напред и јасен сигнал за посветеност кон зелената транзиција. Но, за да има вистински резултати, потребно е мерките да се прошират и кон граѓаните. Само на тој начин, електрификацијата ќе стане опиплива реалност за секојдневните возачи, а не само за професионалните.