Краток историјат на електричните автомобили: Технологија постара од 100 години

Кога денес ќе се споменат електричните автомобили, најчеста асоцијација е дека станува збор за современа иновација поврзана со батерии, софтвер и борба против климатските промени. Но малкумина знаат дека електричните возила не се изум на 21-от век – тие имаат корени кои се протегаат повеќе од 130 години наназад.

Првите чекори: крајот на 19 век

Првите електрични возила се појавиле во втората половина на 19 век. До 1880-тите и 1890-тите, инженерите низ САД, Британија, Франција и Германија работеле на електрични кочии и автомобили, користејќи примитивни оловно-киселински батерии и мотори со едноставна конструкција.

Во 1899 година, белгискиот автомобил La Jamais Contente (“Никогаш задоволна”) поставил светски рекорд за брзина со електричен погон, достигнувајќи над 100 km/h – нешто неверојатно за тоа време (сликата подолу е од овој електричен автомобил).

Популарност и предности

До почетокот на 20 век, електричните автомобили уживале голема популарност, особено во урбаните средини. Во САД, околу една третина од сите автомобили во 1900 година биле на електричен погон. Тие биле тивки, чисти, лесни за управување и не барале рачно палење како бензинските возила. Поштенските служби во САД се пример за целосна рана електрификација.

Еден производител на автомобили, Detroit Electric, во 1910-тите нудел електрични автомобили со досег од 130 до 160 километри со едно полнење – импресивно дури и според денешни стандарди.

Како се полнеле првите електрични автомобили?

Полнењето на батериите било бавно, најчесто преку домашна мрежа или на јавни полначи во некои градови. Процесот траел неколку часа, а често се правел преку ноќ. Батериите биле тешки и гломазни, но возилата биле дизајнирани да ја издржат нивната тежина.

Зошто развојот на електричните автомобили застанал?

И покрај своите предности, електричните автомобили не успеале да го задржат приматот. Со откритието на големи наоѓалишта на нафта, поевтинувањето на бензинот и појавата на Ford Model T (1908), бензинските автомобили станале масовно достапни и поевтини за производство.

Дополнително, технолошкиот напредок кај моторите со внатрешно согорување и подобрувањето на патната инфраструктура ја нагласија потребата за возила со поголем дострел и флексибилност – нешто што тогашните електрични автомобили не можеа да го понудат.

Враќање по еден век

По речиси еден век во сенка, електричните возила повторно се враќаат на сцената, овојпат со помоќни батерии, напредна електроника и зголемена свест за животната средина. Сега, нафтата не е толку евтина, а производството на електрична енергија е многу поголемо, подостапно и поеколошко. Она што е фасцинантно е дека приказната на електричните автомобили не започна со Tesla, Toyota Prius или Nissan Leaf – туку со иноватори од 19 век кои уште тогаш го замислија патот без издувни гасови.