Менувачи кај електрични автомобили: Едноставен пренос, поголема моќност

Една важна компонента, која често се става во втор план кај електричните автомобили, е менувачот. Тоа е систем што ја пренесува силата од моторот кон тркалата. Кај електричните автомобили, тој изгледа и работи сосема поинаку од менувачите кај возилата со бензински или дизел мотор.


Зошто електричните автомобили имаат менувач со само една брзина?

За разлика од моторите со внатрешно согорување, електричните мотори имаат способност да испорачуваат голема сила веднаш од моментот кога ќе се вклучат. Затоа нема потреба од менувач со повеќе брзини кој ќе ја одржува работата на моторот во одреден распон.

Најголемиот дел од електричните автомобили користат пренос со само една брзина, кој ја намалува брзината на вртење на моторот и ја зголемува силата што се пренесува на тркалата. На пример, ако моторот се врти со 12.000 вртежи во минута, менувачот може да ја намали таа бројка на околу 1.200, но со многу поголема сила. Да, нека не ве чудат високите вртежи – тоа е моќта која можат да ја произведат електромоторите кај електричните автомобили.


Како работи менувачот со една брзина?

Менувачот со една брзина кај електричните автомобили е едноставен по конструкција. Тој главно се состои од:

  • Запци (запчаници) – кои ја намалуваат брзината на вртење и ја зголемуваат силата;
  • Диференцијал – дел што распределува сила на левото и десното тркало;
  • Електромотор – често поставен веднаш до менувачот.

Овој систем е компактен, со малку подвижни делови, што значи помала можност за расипување, пониска цена за одржување и поголема ефикасност.


Двостепени менувачи: кога и зошто се користат?

Иако едностепениот пренос е доволен за секојдневна употреба, кај некои автомобили со високи перформанси, како на пример Porsche Taycan, се користи менувач со две брзини. Првата брзина овозможува силно забрзување при тргнување, додека втората е наменета за постигнување повисоки брзини и подобра ефикасност при возење на автопат.

Овие решенија се посложени и поскапи, но овозможуваат подобар баланс помеѓу сила и потрошувачка.


Какво е чувството при возење?

Благодарение на ваквиот начин на пренос, возењето електричен автомобил е исклучително мазно. Нема префрлање брзини, нема „тресење“ при менување, ниту пак губење сила. Забрзувањето е постојано и тивко, а педалата за гас дава моментална реакција.


Како функционира рикверцот кај електричните возила?

За разлика од класичните возила каде што рикверцот е посебна брзина во менувачот, кај електричните автомобили враќањето наназад се постигнува едноставно – со промена на насоката на вртење на електромоторот. Тоа значи дека нема потреба од дополнителен механички систем за рикверц, што го прави целиот процес поедноставен и побезбеден.

Начинот на избор на рикверц зависи од моделот. Кај некои електрични автомобили, менувачот е заменет со рачка или прекинувач поставен покрај воланот, сличен на оној за бришачи. Кај други, сè уште постои класична рачка како кај автоматските менувачи, со позиции за „D“ (движење), „R“ (рикверц), „N“ (неутрална) и „P“ (паркирање). Без разлика на формата, контролата е интуитивна и лесна за користење.


Главни предности на менувачите кај електрични возила

  • Едноставна конструкција – помалку делови значи помал ризик од дефект;
  • Минимално одржување – нема ламела, нема чести сервиси;
  • Тивко возење – помалку бучава при работа;
  • Поголема ефикасност – помалку губење енергија при пренос на сила.

Што не очекува во иднина?

Технологијата продолжува да се развива. Се појавуваат нови решенија како автоматски менувачи со две брзини, електромотори вградени директно во тркалата и уште поефикасни преносни системи. Но едно е сигурно – преносот кај електричните автомобили веќе го менува начинот на кој ја доживуваме возачката динамика.