Најавени 120 електрични автобуси за јавниот превоз – а каде се мерките за електричните автомобили?

На собраниска надзорна расправа за аерозагадувањето, одржана на 26 мај 2025, премиерот Христијан Мицкоски најави набавка на 120 електрични автобуси за Скопје и другите градови со јавен превоз. Овој потег е поздравен како чекор напред во борбата против урбаното загадување – особено ако се земе предвид дека само ЈСП Скопје годишно поминува околу 15,5 милиони километри со своите автобуси.

За илустрација: еден постар дизел автобус емитува приближно 1 кг CO₂ по километар. Тоа значи дека годишната емисија на сите автобуси на ЈСП изнесува околу 15.000 тони CO₂ годишно.

Замена на дел од овие автобуси со електрични може значително да ги намали овие емисии – до 7.000 тони CO₂ помалку секоја година, зависно од бројот и видот на заменети автобуси и нивната километража.

Но, додека ова е позитивен сигнал, се поставува едно клучно прашање: Зошто електричните автомобили и понатаму остануваат целосно игнорирани во владините мерки против аерозагадувањето?

Нема субвенции, нема полначи

Во моментот:

  • Нема активни државни субвенции за набавка на електрични автомобили.
  • Инфраструктурата за полнење е сè уште слабо развиена, без јасна национална стратегија.
  • Граѓаните кои сакаат да вложат во чист транспорт не добиваат никаква поддршка.

Иако е позитивно што државата вложува во електрични автобуси и намалување на загадувањето предизвикано од јавниот транспорт, сепак не вложува во граѓаните кои сакаат сами да придонесат кон почист воздух.

Време е за целосна електрична транзиција

Наместо парцијални мерки, Македонија има потреба од системска е-револуција:

  • Субвенции за електрични автомобили и мали електрични возила (тротинети, скутери), по примерот на многу држави во регионот и во Европа (претходно направивме преглед на субвенциите);
  • Стимулирање на развој на национална мрежа на брзи и стандардни полначи;
  • Поголеми ослободувања од давачки за електрични возила при нивна регистрација;
  • Намалување на цените за паркинг на електрични автомобили;
  • Пристапни кредити и зелени лизинг програми во соработка со комерцијалните банки.

Електричните автобуси се одличен почеток – но вистинскиот успех и реалното намалување на загадувањето од сообраќајот ќе биде видливо кога секој граѓанин ќе може да вози чисто, тивко и без емисии.