Патничките автомобили се одговорни за околу 16% од вкупните емисии во Европската Унија на јаглерод диоксид – главниот стакленички гас кој ги поттикнува климатските промени.
На први април 2025, Европската Комисија воведе мала флексибилност во однос на постигнувањето на целите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид (CO₂) од страна на производителите на автомобили. Имено, производителите треба да ги задоволат поставените нивоа на емисии како тригодишен просек за периодот 2025-2027 а не на годишно ниво, како што беше првично замислено. Но, кои се целите, како ЕУ планира да ги постигне и кои се импликациите врз состојбата во Македонија? Да одиме чекор по чекор.
Клучни цели и рокови
Според Регулативата (ЕУ) 2019/631, која е изменета во април 2023 година, ЕУ ги постави следниве цели за намалување на автомобилските емисии на CO₂:
- 2020 до 2024 година: максимум 95 грама CO2 по изминат километар.
- 2025 до 2029 година: максимум 93,6 грама CO2 по изминат километар.
- 2030 до 2034 година: максимум 49,5 грама CO2 по изминат километар.
- Од 2035 година: Нула емисии на CO2, односно сите автомобили произведени по 2035 година треба да бидат со нула емисии.
Овие цели се дел од пошироката стратегија на ЕУ за постигнување на климатска неутралност до 2050 година, а начинот како да се постигнат е преку инвестиции во развој на нови алтернативни технологии со фокус на електрификација и субвенции за граѓаните за набавување автомобили со нула емисии.
Што значат овие бројки во пракса?
Ако го земеме како пример новиот Фолксваген Голф, фабричката декларација на емисии на верзијата со бензински мотор е 119 грама CO₂ по изминат километар, додека кај дизел верзијата бројката е нешто помала – 114 грама. Евидентно е дека само со производство на автомобили со погон на внатрешно согорување, производителите не можат да ги задоволат поставените стандарди од ЕУ.
За да може да го постигне стандардот, Фолксваген вклучува електрични автомобили во својата гама со нула емисии, па просекот на производителот го задоволува поставениот стандард, барем засега. Мерењата се согласно европскиот WLTP стандард, а овојпат се надеваме дека производителот од нашиот пример нема да ја повтори дизелгејт аферата од пред 10-тина години. 🙂
Последици за производителите и потрошувачите
Производителите на автомобили кои нема да ги исполнат поставените цели ќе се соочат со казни од 95 евра за секој грам CO₂ над дозволеното ниво по автомобил. Ова ги поттикнува компаниите да инвестираат во развој на електрични и други возила со нула емисии.
За потрошувачите, ова значи поголема понуда на електрични автомобили и потенцијално пониски цени, како резултат на зголемената конкуренција и технолошкиот напредок.
Импликации за Македонија
Иако Македонија не е членка на ЕУ, како кандидат за членство и земја која се стреми кон усогласување со европските стандарди, овие промени ќе имаат влијание и врз домашниот пазар. Очекувано е зголемување на увозот на електрични автомобили, а евидентна е и потребата за развој на инфраструктура за полнење и поддршка на овие возила.
Заклучок
Новите стандарди за емисија на CO₂ во ЕУ претставуваат значаен чекор кон одржлива мобилност и борба против климатските промени. Како што поминуваат годините, а стандардите се заоструваат, производителите немаат друг избор освен целосно да се пренасочат кон производство на автомобили со нула емисии на CO₂. Македонија, како дел од европскиот контекст, треба да ги следи овие трендови и да ги прилагоди своите политики и инфраструктура за да ги искористи придобивките од транзицијата кон електрични автомобили. Имајќи го предвид високиот степен на загадување во нашите населени места, потребата од промоција, субвенционирање и олеснување на увозот на електрични автомобили е повеќе од потребен пред сѐ за самите нас, без оглед на политиките на ЕУ.
