Од Хрватска повторно пристигнува електричен автомобил кој го поместува невозможното. Rimac Nevera R е најновото и најекстремно издание на веќе легендарниот Nevera – електричен хиперавтомобил кој стана симбол на напредна инженерска мисла и визија за иднината. Со перформанси кои досега беа незамисливи, Nevera R претставува уште порадикален пристап кон брзината, аеродинамиката и електричниот погон.
Помалку тежина, повеќе моќ
Под алуминиумско-карбонската структура се крие напредна батерија од 108 kWh, дизајнирана да биде полесна и поефикасна од претходната генерација. Намалената тежина од 35 килограми во споредба со стандардниот модел придонесува за подобра распределба на масата и подобро ракување. Четирите електромотори, по еден на секое тркало, испорачуваат вкупно 2.107 коњски сили и над 2.300 Nm вртежен момент – бројки што го прават Nevera R најмоќниот електричен автомобил во историјата.

Импресивни перформанси на Rimac Nevera R
Ваквата сила резултира со перформанси што ги рушат сите досегашни стандарди. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае само 1,81 секунда, додека до 300 km/h стигнува за 8,66 секунди. Максималната брзина изнесува 412 km/h, а според фабриката, на специјални тркачки настани може да достигне и повеќе. Иако бројките се импресивни на хартија, а во реалноста ова возило ги остава без здив и најискусните тест-возачи.
Колегите од најпознатата британска автомобилска емисија Top Gear веќе имаа прилика да го тестираат Rimac Nevera R. Во видеото подолу можете да се уверите во неверојатните перформанси на автомобилот и во нивните луди реакции при лудото возење. 🙂
Прецизна аеродинамика и тркачки карактер
Аеродинамиката кај Nevera R е посебно доработена. Фиксниот заден спојлер, новите дифузери и изменетите канали за воздух овозможуваат 15% зголемен притисок кон подлогата и 10% подобрена аеродинамична рамнотежа. Сето тоа е поставено на 21-инчни тркала напред и 20-инчни назад, обвиени со Michelin Cup 2 гуми за максимална стабилност на патот. Сопирањето е доверено на напредни карбон-керамички сопирачки со дијаметар од 390 mm.

Напредна контрола и стабилност
Системот за управување со вртежниот момент (R-AWTV) е способен да прави стотици пресметки во секунда, со што се оптимизира контролата во секој агол, секоја кривина и секој момент од возењето. И покрај бруталната сила, Nevera R е лесно управлив, стабилен и прецизен, дури и во најекстремни услови.
Ексклузивност на највисоко ниво
Овој модел е наменет за најголемите ентузијасти и колекционери. Ќе бидат произведени само 40 примероци, со можност за детална персонализација – вклучувајќи ексклузивна боја, посебни ознаки и уникатни карбонски детали. Дизајнот е инспириран од концептот „електрична скулптура“ и ја носи препознатливата естетика на брендот Rimac, но со уште поголема агресивност.
Rimac Nevera R – Новата иднина доаѓа од Балканот
Со Nevera R, Rimac уште еднаш докажува дека Европа – и тоа Балканот – може да стои рамо до рамо со најголемите светски имиња во автомобилската индустрија. Ова не е само автомобил, туку технолошки подвиг, симбол на визијата за иднината и пример за тоа како електричната мобилност може да биде синоним за екстремни перформанси, иновација и совршенство.
